Иако уште претходната недела министерот за здравство Венко Филипче официјално изјави дека Македонците на 14 мај конечно по година и пол ќе може да одат во Грција со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или со потврда за вакцинација, сепак денеска на многумина кои што се одлучија да патуваат кај нашиот јужен сосед не им беше дозволен влез во Грција, објави порталот Курир.

Исто премиерот на Република Македонија, Зоран Заев вчера кој што беше во посета на Грција, на својот Фејсбук профил ги информираше граѓаните дека Грција од денеска офцијално ги отвара границите со нашата држава, но како што можеме да видиме состојбата на граничните премини го кажува токму спротивното, односно наши македонски граѓани соопштуваат дека не им се дозволува влез во Грција.

-Имавме одлична работна средба со премиерот на Грција, Мицотакис. Ме извести дека почнувајќи од утре, 14 мај 2021, се отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела, напиша Заев на својот фејсбук профил.

Од грчката страна претходно беше изјавено дека од 14 мај копнените премини ќе бидат отворени и за Република Македонија и Република Албанија.

Евзони уште не е отворен

Најфреквентниот граничен премин Богородица кон соседна Грција утрово функционира нормално во очекување на поголемо сообраќајно раздвижување на патници и туристи, но граничниот премин Евзони на грчка страна, и покрај најавите, до овој момент, се уште не е отворен, потврдија од дежурната служба на ГП Богородица.

-Од утрово од 7 часот, за кога беше најавено отворањето на ГП Евзони, низ нашиот граничен премин кон Грција заминаа петнаесетина возила кои до овој момент сеуште чекаат на Евзони за влез во Грција затоа што грчките гранични органи сеуште чекале официјален документ од Атина и додека не го добиеле, на ГП Евзони ќе се чека, рекоа од дежурната служба на ГП Богородица.

Инаку, состојбата на нашиот граничен премин е релаксирана. Граничните полицајци и царинските работници се подготвени за зголемен проток на туристи, но барем денеска ги нема во поголем број.

На нашата граница освен патни исправи не се потребни други документи, а за влез во Грција на ГП Евзони треба да се покаже вакцинален картон со примени две дози од која било вакцина од која втората доза треба да е примена најмалку пред 14 дена, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или потврда за прележана болест.

Се очекува во текот на денот, ГП Евзони да ги дигне рампите за влез во Грција. откако ќе пристигне официјалниот документ од владата во Атина.