Поранешниот раководител на изборниот штаб на Доналд Трамп, Пол Манафорт, кој лани беше осуден на седум и пол години затвор, ќе биде префрлен во озлогласениот затвор Рајкерс Ајленд во Њујорк, јави синоќа „Фокс Њуз“.
Повикувајќи се на извор близок до Манафорт, телевизијата дознава дека одлуката за негово префрлање била донесена по молба на њујоршкиот окружен обвинител. Манафорт во Њујорк ќе биде префрлен на 6 јуни, а дотогаш тој ја одлежува својата затворска казна во затворот од општ тип во сојузната држава Пенсилванија.
Се дознава дека во Рајкерс Ајленд Манафорт ќе биде ставен во самица поради негова лична безбедност. Во затворот, кој се наоѓа во близина на аеродромот Ла Гвардија, лежат познати криминалци како мафијашот Дејвид Берковиц или Марк Чапман, човекот кој го уби Џон Ленон.
Седум и пол годишната казна затвор на Манафорт е по федерални обвиненија за заговор против САД, за работа како нерегистриран агент на странска држава и за перење пари. Трансферот во њујоршкиот затвор значи дека се подготвува судски процес на државата Њујорк против него. Окружниот обвинител на Њујорк во март годинава покрена 16 обвиненија против Манафорт како измами со хипотеки и фалсификување компаниски документи.
Доколку биде осуден по сојузни обвиненија, Манафорт не може да биде помилуван од претседателот Доналд Трамп