Церемонијата на доделување на Нобеловата награда за мир годинава ќе се одржи во живо, во декември, во потесен круг лица на Осло, објави вчера Нобеловиот комитет.

„На свеченоста ќе бидат присутни двајцата годинашни добитници на Нобеловата награда за мир, Марија Реса и Дмитриј Муратов, како и претставник на минатогодишниот лауреат – Светската програма за храна“, напиша во пораката испратена по електронска пошта, Олав Њолстад, секретар на норвешкиот Нобелов комитет, пренесоа француските медиуми.

Новинарите Марија Реса и Дмитриј Муратов, храбри борци за слобода на говорот, се годинешни добитници на Нобеловата награда за мир.

Муратов (59) е главен уредник на рускиот весник „Новаја газета“ и првиот Русин што ја доби наградата по поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, кој помогна да се отвори овој весник со парите што ги доби токму од Нобеловата награда за мир во 1990 година.

Реса (58) со уште три новинарки во 2012 година го основаше филипинскиот портал за истражувачки вести „Рапер“, фокусирајќи ја својата работа на следењето на контроверзната и насилна војна против дрогата што ја почна филипинскиот претседател Родриго Дутерте.

Втората церемонија ќе се одржи истиот ден во Стокхолм за добитниците на другите Нобелови награди, за медицина, физика, хемија, литература и економија.

Нобеловата фондација наведува дека поради пандемијата оваа награда ќе им биде доделена на добитниците во нивните земји.

-Добитниците ќе ги примат одликувањето и дипломата во своите земји поради неизвесноста во врска со пандемијата и меѓународните летови, изјави директорот на Фондацијата, Видар Хелгесен.