Северна Кореја го покажа својот нуклеарен арсенал на ноќна парада, со повеќе интерконтинентални балистички ракети (ICBM) од кога било досега, јавија државните медиуми.

Парадата се одржа на 75-годишнината од основањето на севернокорејската армија, објави новинската агенција КЦНА.

Лидерот Ким Јонг Ун присуствуваше на парадата со својата ќерка која еден ден би можела да го наследи својот татко на чело на таа наследна диктатура.

Со интерконтинентални балистички ракети, Северна Кореја ги покажа своите најголеми нуклеарни способности досега, а на парадата можеше да се види и тактичко нуклеарно оружје.

Инсертите објавени од државните медиуми покажуваат 11 интерконтинентални балистички ракети Хвасонг-17 за кои се верува дека се способни да погодат цели каде било во светот со нуклеарна боева глава. Ракетата „Хвасонг“ првпат беше тестирана минатата година.