Норвешкиот пензиски фонд денеска соопшти дека за првите шест месеци остварил загуби во инвестициите од 174 милијарди долари, последица на опотоварувањето на акциите предизвикано од стравувањата од глобална рецесија.

Најголемиот пензиски фонд во светот „тежок“ околу 1,3 трилиони долари во периодот од јануари до јуни годинава бележи 14,4-отстотен негативен поврат на инвестициите.

– Пазарот беше обележан со раст на каматните стапки, висока инфлација и војна во Европа. Особено лошо минаа акциите во технологијата со негативен поврат од минус 28 проценти, изјави извршниот директор на фондот Николај Танген.

Негативни приноси од акциите во првото полугодие се регистрирани во сите сектори, со исклучок на енергетскиот каде е забележан поврат од 13 проценти, поттикнат од растот на цените на енергенсите поради војната во Украина.

Повратот на вложувањата во акции во првото полугодие е минус 17 отсто, а повратот на вложувањата во обврзници минус 9,3 отсто. Фондот бележи и негативен поврат на инвестициите во инфраструктурата за обновливи извори на енергија од минус 13,3 отсто.

Вложувања во недвижности што не котираат на берзата забележале добивка, со принос од 7,1 отсто.

На крајот на јуни, 68,5 отсто од средствата со кои управува фондот се инвестирани во акции, а 28,3 отсто во обврзници. Уделот на инвестиции во недвижности што не котираат на берзата е три проценти, додека учеството инвестиции во инфраструктурата за обновливи извори на енергија е 0,1 отсто.

Фондот е основан во 1996 година со цел да ги инвестира остварените приходите од продажбата на нафта и гас за обезбедување пензии за граѓаните на Норвешка. Во моментов има акции во повеќе од 9.300 компании ширум светот.