Норвешката полиција соопшти дека истражува исчезнување на коосновачот на Викиликс и соработник на Џулијан Асанж, Арен Кампхојс, кој последен пат бил виден во август во северна Норвешка.
– Почнавме истрага, рече портпаролот на полицијата додавајќи дека нема идеја каде може да се наоѓа Кампхојс, кој е холандски државјанин.
Викиликс во саботата на Твитер објави за „чудното исчезнување” на Кампхојс. Тој за последен пат бил виден како излегува од хотел во градот Будао во северна Норвешка на 20 август.
Според Викиликс, Кампхојс имал авионски билет за 22 август за лет од градот Тронхајм, што се наоѓа на повеќе од 700 километри од Будао.