Норвешкиот хематолог Пал Андре Холме во последните пет години примил над еден милион круни од фармаколошките компании Фајзер и Баер, објави норвешкиот весник ВГ.
Холме и уште неколку негови колеги се автори на научната студија во која е утврдено дека смртните случаи од згрутчување на крвта кај тројца здравствени работници во Норвешка е поради вакцината на АстраЗенека.
Тој е шеф на Одделот за крвни болести на Универзитетската болница во Осло и го предводеше клиничкиот дел од студијата. Но, она што не е споменато во студијата е дека тој примил 265.438 круни од Фајзер од 2015 до 2019 година и уште 663.659 круни од Баер. Дополнително, неговата компанија Хемаконсулт добила 262.450 и 57.697 круни од Фајзер и Баер во 2019 година, или вкупно 1.249.244 круни за пет години, што е околу 125.000 евра, пишува ВГ.
Холме за норвешкиот весник изјавил дека парите биле за предавања на меѓународни и домашни конгреси, обуки и патни трошоци.
Научниците кои објавуваат студии во реномирани магазини како Медицинскиот журнал на Њу Ингланд (НЕЈМ) каде што тој и колегите ја објавија студијата за несаканите ефекти на вакцината на АстраЗенека, мора да следат одредени етички препораки. Една од нив е да ги наведат сите партнери кои ги имале, а кои можат да бидат релевантни за студијата и сите финансиски примања што ги имале, а што може да остават впечаток за конфликт на интерес. Во т.н. документ за транспарентност, тој навел дека немал такви врски.
Според ВГ, тој штиклирал „не“ на прашањето дали примил пари од релевантни компании во последните 36 месеци исто како и на прашањето дали има некакви врски кои би можеле да предизвикаат сомнеж за конфликт на интереси.
Прашан за ова, Холме рекол дека не гледа никаков етички проблем со фактот што зел пари од конкуренцијата на АстраЗенека, со образложение дека тие пари не биле за истражување на вакцини.
Норвешкиот весник, исто така, објави дека неколку од коавторите на студијата на Холме примиле слични исплати.