Еден од најважните инфраструктурни проекти за источниот дел на Скопје е изградбата на првата фаза од новиот булевар Хрватска, најави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој рече дека најзначајните сообраќајни проекти од неговата програма се кружните текови кај „Лимак“, нов мост на булеварот Февруарски поход, клучката кај Момин Поток, продолжување на булеварот АСНОМ и изградбата на булеварот Даме Груев во центарот на Скопје.
– Денеска го претставуваме еден од најважните инфраструктурни проекти за источниот дел на Скопје – изградбата на првата фаза од новиот булевар Хрватска. Тоа е проект кој ќе ја промени сообраќајната слика на овој дел од градот и ќе донесе големо олеснување за илјадници граѓани.
Сите знаеме колку е голем метежот во Автокоманда, особено во утринските и попладневните часови, како место каде што се спојуваат општините Гази Баба и Бутел, а низ кои секојдневно минуваат илјадници возачи во долги колони. Токму тој проблем го решаваме со овој проект и воспоставуваме стратешко поврзување меѓу Гази Баба, Бутел и Чаир, како дел од внатрешната обиколница на Скопје -рече Ѓорѓиевски.
Тоа ќе овозможи побрз проток на сообраќајот, ќе го ослободи центарот од транзитните возила и ќе отвори нови можности за економски раст и локална поврзаност, додаде тој.
– „Хрватска“ ќе биде модерен, безбеден и функционален булевар, изграден по европски стандарди и со сите елементи на современо сообраќајно решение. Паралелно со изградбата на новиот булевар, ќе се реализира и нов водоводен крак, кој е клучен за подобрување на водоснабдувањето во високите зони на Автокоманда и на Железара, како и во околните села во општина Гази Баба.
Оваа инвестиција ќе овозможи стабилен притисок, сигурна испорака на вода и значително подобар квалитет на услугата за илјадници домаќинства, особено во летните месеци – рече тој.
Со булеварот Хрватска, потенцира Ѓорѓиевски, почнуваме нова етапа во изградбата на современо Скопје.
– Тој е дел од најамбициозната програма за патна инфраструктура во историјата на градот – програма што содржи 40 капитални проекти кои ќе ја променат урбаната и сообраќајна слика на главниот град. Меѓу нив се: 4 проекти за доизградба на постоечки булевари и клучки, 6 нови булевари што ќе го поврзат градот, 16 нови улици за подобра локална мобилност, како и голем број клучки и кружни текови за поголема безбедност. Покрај булеварот Хрватска би ги издвоил и следните стратешки проекти: булевар Февруарски поход, со нов мост преку Вардар, кој ќе ги поврзе источниот и западниот дел на градот и ќе создаде функционална врска меѓу Гази Баба и Аеродром. Булевар АСНОМ, кој ќе биде продолжен и поврзан со булеварот Александар Македонски преку мостот Михаило Апостолски, со што ќе се обезбеди директна, брза и безбедна сообраќајна врска меѓу источниот и југоисточниот дел на градот. Клучката „Момин Поток“, која конечно ќе се деблокира и ќе овозможи нормален проток кон северозападниот дел на Скопје, булеварот Борис Трајковски, кој ќе биде продолжен до Драчево. Булевар Александар Македонски, со трета лента од Сингелиќ до Автокоманда, ќе го реши тесното грло на источниот влез во градот.
Булевар Цветан Димов, со шест коловозни ленти, велосипедски патеки, зеленило и осветлување, ќе го поврзе Чаир и Бутел со центарот, како и проширување на „Даме Груев“ во центарот на градот – рече Ѓорѓиевски.
Межу клучните проекти е и изградбата на три кружни текови во центарот и пуштање на подземната сообраќајница под „Лимак“.
– Со сите овие проекти градиме поорганизиран, побезбеден и подобро поврзан град. Скопје какво што му доликува на сите негови граѓани – модерен, функционален и достоинствен главен град – вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.