Вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм и денеска организираат едночасовен протест пред Министерството за финансии, со кој ќе изразат незадоволство поради своите месечни примања.
Тие одржаа протест и минатата недела на кој упатија апел за покачување на платите.
Претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски на протестот изјави дека платите на речиси 70 отсто од вработените во овие три институции се под просечната плата во државата, а разликата со платите на вработените на исти позиции во установите од областа на културата е и по 10 илјади денари.
– Го поздравуваме зголемувањето на платите на нашите колеги од Министерството за финансии, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Ги охрабруваме и нашите колеги во другите министерства да ни се придружат и заеднички да се избориме за она што ни следува. Имаме поддршка од раководството, од одговорните лица во Министерството за култура и ќе продолжиме по институционален пат да бараме покачување на платите, изјави Костовски во петокот.