Европската агенција за борба против измами – ОЛАФ, бара Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да врати 2,2 милиони евра, злоупотребени во програмата „Еразмус плус“. Средствата се бараат назад оти разрешената директорка на Националната агенција, Лидија Димова за време на мандатот, доставила пријава за злоупотреби, по која било постапувано. За случајот информираше сегашниот директор Марко Ѓоргиевски.
„Бевме информирани дека има одредени наоди за злоупотреби од 22 корисници на грант. Согласно ова, се бара 2.276.212 евра, поради грантови доделени од 2016 година до 2018 година. Во март, Агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средствата. Во тек е предистражна постапка во ОЈО-ГОКК, па не можат да се споделат детални информации за овој предмет“, кажа Ѓоргиевски.
Во овој предмет станува збор за пријава која била доставена од Димова во 2019 година, по утврдување дека образовни институции кои аплицирале и ги добивале грантовите, ги користеле на начин надвор од пропишаните правила.
„Откако сме информирани за случајот се обидуваме преку координација со институциите од Еворпа да најдеме решение како да се реализира овој поврат и да не се случуваат овие случаи повторно, додаде Ѓоргиевски.