Владата го усвои Законот за заштита на потрошувачите на предлог на Министерството за економија, објави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
– Овој закон ќе помогне да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, за заштита на потрошувачите и за заштита на ранливите категории на граѓани во деловните трансакции… Со овој закон се обезбедува високо ниво на првата на потрошувачите, но и полесно деловно уредување. Исто така се уредуваат правата и обврските на здружението за зашита на потрошувачите, а предвидени се и инструменти за брзо решавање на споровите – посочи Бектеши.
Министерот укажа дека како новина се воведува посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики при продажба, вклучувајќи ги и дигиталните понуди.
– Одредена трговска практика е нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, особено ако не се наведуваат јасно условите. Трговска практика се смета за нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, па дури и ако информаците се точни, но го доведуваат во заблуда потрошувачот да донесе одлука која не би ја донел во вообичаени услови. Нечесно е и ако со принуда или примена на сила го доведе во заблуда потрошувачот или го наведе на пазарна одлука која не би ја донел во други услови – појаснува Бектеши.
Министерот укажа дека во зависност од големината на компанијата, предвидени се казни од 500 до 10 илјади евра казна за непочитување на законот.
– Во делот на санкциите, предвидена е и привремена забрана за работа од три месеци до две години, за среден и голем трговец, и 20 дена за микро и мал трговец. Одговорните лица, ќе добијат забрана за вршење дејност од 3 месеци до 1 година – посочи Бектеши.