Нов затворен базен со современи услови, наменет пред сè за најмладата популација, денеска беше официјално пуштен во употреба во општина Карпош. Објектот, кој се наоѓа во близина на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, е со должина од 25 метри и ширина од 9 метри и има цел да придонесе за развој на спортот, рекреацијата и здравите навики кај децата.

Базенот, чија изградба почна во 2023 година, беше довршен од страна на Министерството за спорт. По неговото ставање во функција, управувањето ќе го преземе Општина Карпош, која веќе најавува конкретни активности за негова употреба.

Заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски посочи дека фокусот е ставен токму на најмладите корисници, и тоа бесплатно.

– Базенот ќе го користат најмладите со оглед на тоа што неговите димензии се наменети токму за нив. Општина Карпош во наредниот период ќе пристапи со основните училишта децата од прво до трето одделение да имаат бесплатни часови по пливање. Во наредните неколку години нашата цел е сите дечиња до деветгодишна возраст во Карпош да знаат да пливаат – рече тој.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на отворањето, нагласи дека ваквите проекти се доказ за реализирање на дадените ветувања.

– Човек не може да не биде задоволен кога ќе направите нешто добро, корисно за заедницата и, пред сѐ, за најмладите. Посакувам во наредниот период да имаме уште многу вакви проекти, да почнеме нови и оние што се почнати да ги завршиме бидејќи сите оние ветувања што се дадени треба и да се реализираат, во таа насока е и овој проект – изјави Мицкоски.

Тој дополнително посочи дека Владата ќе продолжи со инвестицискиот циклус во соработка со општините.

– Што се однесува до Владата, ние продолжуваме посветено да работиме заедно со општините во насока на завршување на проектите, кои во суштина беа објавени преку две програми и два повика од Министерството за локална самоуправа, некаде околу 350 милиони евра, сосе сите оние други проекти што министерствата ги финансираат преку други програми, вкупната директна инвестиција, од Владата во општините, за капитални инвестиции е околу половина милјарада евра – рече тој.

Министерот за спорт Борко Ристовски истакна дека завршувањето на базенот е дел од поширока стратегија за унапредување на спортската инфраструктура.

– Министерството за спорт продолжува со реализацијата на сите оние капитални проекти што беа заостанати. Имаме обврска да ги завршиме проектите што ги затекнавме на почеток на градба и да ги ставиме на располагање на граѓаните. Ова е шестиот базен што Министерството за спорт го завршува или е во завршна фаза, а ја почнавме и изградбата на базените во Струмица и Кавадарци. Продолжуваме да инвестираме во она што сметаме дека е најважно, а тоа е спортската инфраструктура – рече Ристовски.

Со отворањето на базенот во Карпош продолжува реализацијата на државната стратегија за изградба на затворени базени во земјата, при што слични објекти веќе се пуштени во употреба во Кисела Вода и Штип, а во наредниот период се очекува завршување и на базените во Битола, Кичево и во Ѓорче Петров.

Фото:Влада и Министерство за спорт