Новозеландската полиција во празна куќа во градот Крајстчрч пронајде пакет што содржел сомнителна експлозивна направа и муниција, јави ДПА.
Пакетот е пронајден откако полицијата претходно соопшти дека уапсила еден 33-годишен маж поврзан со сомнителниот пакет.
Новиот инцидент во Крајстчрч, следи по минатомесечниот напад врз две џамии во градот, при што загинаа 50 лица.
Локалниот полициски началник Џон Прајс информира дека припадници на полициската единица за деминирање работат на деактивирање на направата.
Поради сомнителниот пакет евакуирани се жителите на околните објекти околу празната куќа, што се наоѓа во населбата Филипстаун во Крајстчрч, а на местото на инцидентот се распоредени дополнителни полициски сили.
– Припадниците на локалната заедница се повикани да информираат за секое сомнително однесување или активност во нивното соседство, како и да соработуваат со надлежните во гарантирање на безбедноста на нашата заедница, нагласи Прајс.
Портпарол на локалната здравствената служба „Ст. Џон Ембуланс“ изјави дека по барање на полицијата, возило на брза помош веднаш пристигнало на местото на настанот, но досега никој не побарал лекарска помош.
Претходно весникот „Њу Зеланд Хералд“ објави дека полицијата интервенира поради закани за поставена експлозивна направа, а луѓето кои живеат во близина биле евакуирани. Полициски портпарол првично одби да ги коментира наводите на весникот за евентуална закана за бомба.