Властите на Нов Зеланд денеска соопштија дека се воведува сертификат за вакцина против Ковид-19 како доказ за имунизација, што ќе биде потребен од следниот месец за да може да се присуствува на масовни собири и други настани со висок ризик, што е дел од новиот пристап во борбата против ширењето на Делта сојот.
Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн рече дека сертификатите ќе помогнат да се спречи големите собири, како што се музичките фестивали, да се претворат во места со висок пренос на вируси.
– Ова сега е вообичаено во странство и има смисла, изјави таа.
Ардерн, исто така, нагласи дека е малку веројатно сертификати за вакцина да се користат во места како што се здравствени установи и супермаркети.
Нов Зеланд беше меѓу само неколкуте земји што минатата година ги намалија случаите на Ковид-19 на нула и во голема мерка беше без коронавирусот до појавата на многу заразната Делта варијанта во средината на август.