Дејвид Бекам, Лионел Меси и Нејмар Џуниор се само дел од големите фудбалски имиња кои се појавуваат во премиерниот промотивен спот за новата апликација Otro – дигитална стартап платформа која ќе ги поврзува фудбалските ѕвезди директно со нивните фанови

Агенцијата R/GA стои позади водечката креатива, стратегијата и дизајнот на корисничкото искуство за апликацијата Otro, додека пак агенцијата Хавас Лондон работеше на кампањата за лансирање на производот. Стилскиот и високо-енергетски рекламен спот е дело на режисерот Хенк Перлман од продукциската куќа Хангри мен и прикажува девет фудбалски ѕвезди во животни сценарија надвор од теренот: Бекам работи во канцеларија, Меси одбира костум, Нејмар свири на пијано, Деле Али игра видео игри, Бенџамин Менди танцува во џакузи итн. Спотот завршува со Зинедин Зидан кој затвора книга и изговара „Otro“ (Што на шпански значи „други“).

Апликацијата ќе биде промовирана преку онлајн социјалните профили на фудбалерите, со што, според зборовите на компанијата, би се достигнал потенцијален органски досег од 1 милијардна корисници, како и преку платена промоција на социјалните медиуми во Шпанија, Италија, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Бразил, Аргентина, САД, Мексико, Индонезија, Турција и Египет.

„Фудбалските фанови ширум светот сакаат подлабока конекција со нивните херои и тука е улогата на Otro. Апликацијата ја дизајниравме специјално за да претставува заедница каде фанови и играчи ќе комуницираат директно. Овие играчи се основачите на Otro и сега ги покануваат своите фанови да се приклучат на нивниот социјален клуб,“ изјави извршниот генерален директор на Otro, Џереми Дејл, по повод лансирањето на рекламната кампања.