Соединетите Американски Држави во најновата Национална безбедносна стратегија објавена во почетокот на месецов, оценуваат дека Европа се соочува со длабоки и долгорочни предизвици кои одат подалеку од прашањата за воени трошоци и економски раст, предупредувајќи дека континентот може да стане непрепознатлив во наредните две децении доколку не ја смени сегашната насока.
Во новата американска безбедносна доктрина Европа се опишува не само како сојузник, туку и како простор во длабока структурна и цивилизациска криза, што ја доведува во прашање долгорочната одржливост на европскиот политички, демографски и вредносен модел.
Во документот се наведува дека уделот на континентална Европа во глобалниот бруто-домашен производ опаднал од 25 проценти во 1990 година на околу 14 проценти денес, што се припишува на прекумерни национални и транснационални регулативи кои, според САД, ја задушуваат креативноста и економската динамика.
Американската администрација оценува дека економскиот пад е засенет од уште посериозни ризици – ерозија на политичката слобода и суверенитет, миграциски политики кои предизвикуваат социјални тензии, ограничувања на слободата на говорот, потиснување на политичката опозиција, пад на наталитетот и слабеење на националните идентитети во повеќе европски земји.
– Поголемите проблеми со кои се соочува Европа вклучуваат активности на Европската Унија и други транснационални тела кои ја поткопуваат политичката слобода и суверенитет, миграциски политики кои го трансформираат континентот и создаваат немири, цензура на слободата на говорот и потиснување на политичката опозиција, кратерирање на стапките на наталитет и губење на националните идентитети и самодовербата, се нагласува во стратегијата.
Доколку продолжат сегашните трендови, како што се посочува, Европа за 20 години или помалку ќе биде непрепознатлива, при што се доведува во прашање способноста на одделни европски држави да останат силни и сигурни сојузници на САД.
– Како таква, далеку е од очигледно дали одредени европски земји ќе имаат економии и војски доволно силни за да останат сигурни сојузници. Многу од овие нации во моментов се удвојуваат на својот сегашен пат. Сакаме Европа да остане европска, да ја врати својата цивилизациска самодоверба и да го напушти својот неуспешен фокус на регулаторно задушување, стои во новата безбедносна стратегија на САД.

Европа – Русија – Украина
Овој недостаток на самодоверба, како што се нагласува, е најочигледен во односите на Европа со Русија, за кои Вашингтон оценува дека се длабоко нарушени поради војната во Украина. Иако европските сојузници, според документот, имаат значителна предност во конвенционална воена моќ, САД сметаат дека управувањето со односите со Москва ќе бара засилен дипломатски ангажман за да се воспостави стратешка стабилност и да се намали ризикот од поширок конфликт. Како клучен американски интерес се наведува брзо прекинување на непријателствата во Украина и да се спречи можна ескалација и проширување на војната.
– Европските сојузници уживаат значителна предност во тврда моќ над Русија во речиси секоја мерка, освен во нуклеарното оружје. Како резултат на војната на Русија во Украина, европските односи со Русија сега се длабоко ослабени, а многу Европејци ја сметаат Русија за егзистенцијална закана. Управувањето со европските односи со Русија ќе бара значителен дипломатски ангажман на САД, како за повторно воспоставување услови за стратешка стабилност низ евроазиската копнена маса, така и за ублажување на ризикот од конфликт меѓу Русија и европските држави. Од клучен интерес на Соединетите Американски Држави е да преговараат за брзо прекинување на непријателствата во Украина, со цел да се стабилизираат европските економии, да се спречи ненамерна ескалација или проширување на војната и да се воспостави стратешка стабилност со Русија, како и да се овозможи обнова на Украина по непријателствата за да се овозможи нејзин опстанок како одржлива држава, пишува во документот.
Се подвлекува и дека војната довела до зголемена надворешна зависност на Европа, особено на Германија, при што се наведуваат примери за германски индустриски инвестиции во Кина, потпирајќи се на руски енергенси кои не можат да ги обезбедат на домашен терен.
– Денес, германските хемиски компании градат некои од најголемите светски погони за преработка во Кина, користејќи руски гас, кој не можат да го добијат дома. Администрацијата на Трамп се наоѓа во конфликт со европските претставници кои имаат нереални очекувања за војната сместени во нестабилни малцински влади, од кои многу ги газат основните принципи на демократијата за да ја потиснат опозицијата. Големо европско мнозинство сака мир, но таа желба не се преведува во политика, во голема мера поради поткопувањето на демократските процеси од страна на тие влади. Ова е стратешки важно за Соединетите Американски Држави токму затоа што европските држави не можат да се реформираат ако се заробени во политичка криза, се наведува во стратегијата.

Европа останува стартешки клучна за САД како група на суверени нации
И покрај критиките, САД нагласуваат дека Европа останува стратешки и културно клучна за американските интереси. Трансатлантската трговија, силните европски индустрии, научните истражувања и културните институции се оценети како незаменливи елементи на глобалната стабилност и просперитет.
– Европските сектори, од производството до технологијата и енергијата, остануваат меѓу најсилните во светот. Европа е дом на најсовремени научни истражувања и водечки светски културни институции. Не само што не можеме да си дозволиме да ја отпишеме Европа – тоа би било самопоразувачко за она што оваа стратегија има за цел да го постигне, стои во документот.
Американската дипломатија, според стратегијата, ќе продолжи да се залага за вистинска демократија, слобода на изразување и несомнено почитување на индивидуалниот карактер и историја на европските нации. Америка ги охрабрува своите политички сојузници во Европа „да го промовираат ова оживување на духот, а растечкото влијание на патриотските европски партии навистина дава причина за голем оптимизам“.
– Нашата цел треба да биде да ѝ помогнеме на Европа да ја поправи својата сегашна траекторија. Ќе ни треба силна Европа за да ни помогне успешно да се натпреваруваме и да работи заедно со нас за да спречиме кој било противник да доминира во Европа. Америка, разбирливо, е сентиментално поврзана со европскиот континент – и, се разбира, со Велика Британија и Ирска. Карактерот на овие земји е исто така стратешки важен затоа што сметаме на креативни, способни, самоуверени, демократски сојузници за воспоставување услови за стабилност и безбедност. Сакаме да работиме со сојузнички земји кои сакаат да ја вратат својата поранешна величина, се вели во стратегијата.
Во заклучокот, документот наведува дека американската политика кон Европа ќе се фокусира на: Повторно воспоставување услови за стабилност во Европа и стратешка стабилност со Русија; Овозможување на Европа да застане на свои нозе и да функционира како група на суверени нации, вклучително и преку преземање на примарна одговорност за сопствената одбрана, без да биде доминирана од каква било непријателска сила; Негување отпор кон моменталната траекторија на Европа во рамките на европските нации; Отворање на европските пазари за американски стоки и услуги и обезбедување фер третман на американските работници и бизниси; Градење на здрави нации од Централна, Источна и Јужна Европа преку комерцијални врски, продажба на оружје, политичка соработка и културни и образовни размени; Крај на перцепцијата и спречување на реалноста за НАТО како сојуз кој постојано се шири; и Охрабрување на Европа да преземе мерки за борба против меркантилистичката прекумерна моќ, технолошката кражба, сајбер шпионажата и другите непријателски економски практики.
На долг рок, според американските стратези, „повеќе од веројатно е дека најдоцна за неколку децении, одредени членки на НАТО ќе станат мнозинство неевропски. Како такви, отворено е прашањето дали тие ќе го гледаат своето место во светот или својот сојуз со Соединетите Американски Држави на ист начин како оние што ја потпишаа повелбата на НАТО“.

Проблематична за Брисел и Берлин, позитивна за Москва
Објавувањето на новата Национална стратегија за безбедност, која во САД и во Европа се оценува како значајна промена во американската надворешна и одбранбена политика, предизвика реакции меѓу европските сојузници, но и во Москва.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја оцени стратегијата како проблематична, особено поради тоа што Русија не е јасно дефинирана како закана и поради критиките упатени кон Европската Унија за наводна цензура и потиснување на политичката опозиција. Според Мерц, документот ја потврдува потребата Европа, а особено Германија, да стане побезбедносно и стратешки понезависна од САД. Тој предупреди дека политика заснована исклучиво на принципот „Америка на прво место“ ризикува да ги маргинализира сојузниците и да ја ослаби трансатлантската врска.
Од друга страна, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, настојува да ги ублажи европските стравувања, истакнувајќи дека САД и понатаму се посветени на колективната безбедност и на Алијансата. Тој нагласи дека новата стратегија испраќа јасен сигнал за потребата од поголемо „споделување на товарот“ и ги повика европските земји значително да ги зголемат трошоците за одбрана, посочувајќи дека Европа мора да биде подготвена самостојно да се спротивстави на евентуална руска закана.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта оцени дека Европската Унија мора да се прилагоди на променетите односи меѓу сојузниците по Втората светска војна и да извлече поуки од новата американска безбедносна стратегија, но без мешање на САД во внатрешниот политички живот на Европа. Тој ги отфрли тврдењата за цензура и поддршката на одредени европски партии, нагласувајќи дека Европа самостојно ја дефинира слободата на говор и информирање и предупреди на влијанието на американските технолошки компании. Кошта истакна дека, иако САД остануваат клучен сојузник, Европа мора да стане побезбедносно и политички посуверена, вклучително и со поголема улога во НАТО. Во однос на Русија, тој нагласи дека и покрај американските обиди за нормализација, Москва останува трајна закана за европската безбедност.
Од Москва, пак, пристигнаа позитивни реакции. Кремљ соопшти дека новата американска стратегија „во голема мера“ се совпаѓа со руската визија, особено деловите што повикуваат на дијалог, избегнување конфронтација и брзо преговарачко решение за војната во Украина. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека документот може да претставува основа за конструктивна соработка, иако предупреди дека практичната имплементација ќе биде клучна. (МИА)




