НОВА ЦЕНА И НА ПАРНОТО: Поскапувањето треба да биде над 150 отсто, според природниот гас, но ќе има ублажување, вети Бислимовски

/ 29.07.2022

Регулаторната комисија за енергетика денеска ќе одлучува за цената на парното, која ќе зависи од цената на гасот кој е двојно поскап од лани. Ако државата не преземе мерки, цената може да скокне за 150 отсто.

-Ако зголемувањето на цената на парното се ориентира според поскапувањето на природниот гас, треба да изнесува над 150 отсто, но државата ќе преземе мерки на ублажување. Една од опциите да се стабилизира цената на парното греење е скопската когенеративна термоцентрала ТЕ-ТО да работи постојано, особено во зимскиот период и сите домашни капацитети да бидат ставени на располагање, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Сите најави во Европа се дека доаѓа тешка зима, што ги подгреа стравувањата од проблеми за затоплување на домовите на граѓаните, со оглед на цените на енергенсите кои вртоглаво растат.

Ситуацијата во земјава е дополнително позагрижувачка поради раскинувањето на договорот со Балкан енерџи груп (БЕГ) кој досега беше задолжен за затоплувањето на скопјани. Владата најави распишување на отворен повик за компанија која ќе ја преземе обврската, а во краен случај се најавува можноста грижата за парното да биде префрлена на државната компанија Електрани на Македонија (ЕСМ).

До ваков развој на настаните дојде откако Регулаторната комисија за енергетика во јуни ги одзеде трите лиценците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).


Од истата категорија