Почна изградбата на нова детска градинка во Маџари Триангла, општина Гази Баба. Како што беше кажано на настанот, оваа нова градинка ќе има капацитет од 150 деца, што ќе овозможи поголема достапност на предучилишно образование и грижа за најмладите. Објектот ќе биде изграден на површина од 1.360 квадратни метри, сo 10 занимални, две јасли и 8 простории за поголеми деца, и ќе биде на приземје и еден кат. Вредноста на овој проект изнесува 147 милиони денари, средства кои се обезбедени преку вториот повик на Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски, на означувањето на почетокот од изградбата на новата детска градинка, рече дека продолжуваат со реализација на проектите. Тоа што е ветено, подвлече премиерот, треба да се реализира.
Се радувам да има повеќе дечиња кои ќе ги користат овие објекти, додаде премиерот.
Задоволство од настанот изрази и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Тој истакна дека ова е уште еден важен чекор во посветеноста на подобрување на условите за децата и за нивното образование, како и на поддршката за младите семејства во општина Гази Баба.
-Граѓаните на општина Гази Баба ми ја дадоа својата доверба на изборите пред помалку од еден месец, и како што ветив, продолжуваме со континуираната реализација на нови проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот за сите нас. Нашата цел е да создадеме подобри услови за живеење, а оваа градинка е само еден од бројните проекти што ќе ги реализираме во наредниот период. Рокот за изградба на оваа градинка е 18 месеци, и сме сигурни дека по завршувањето, ќе им понудиме на нашите деца современи и безбедни услови за воспитание и образование, нагласи градоначалникот.

Стефковски додаде дека оваа нова градинка е трета по ред во општина Гази Баба, а во моментов е во тек постапката за избор на економски оператор за изградба и на четвртата нова детска градинка во Сингелиќ.
– Во наредниот период, се очекува многу работа и многу нови проекти што ќе значат значително подобрување на инфраструктурата, образованието и јавните услуги во нашата општина. Работиме заедно за да ја изградиме иднината на Гази Баба, за нашите деца, за нашите граѓани и за нашата заедница. Заедно продолжуваме по патот на прогресот, рече Стефковски.




