На Меѓународниот аеродром во Скопје синоќа пристигна група од 131 граѓанин на Авганистан.
Од владината прес-служба информираат дека Македонија со ова продолжува да помага во меѓународната хуманитарна операција за помош на цивили кои се под опасност од новата талибанска власт.
По слетувањето, беше спроведена стандардната процедура- безбедносна проверка и заштита и ПЦР тест. Како што соопштија од Владата, тие ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од Обединетите нации.
Во Македонија во моментов престојуваат 531 граѓанин на Авганистан, за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош. Од Македонија досега заминаа 84 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија и Бразил.
Новата група што синоќа пристигна, како што е соопштено, се вработени на Обединетите нации, за кои Македонија обезбеди привремен престој до нивното заминување во трета држава.