Во рамки на манифестацијата „Штипско културно лето“ синоќа беше промовирана книгата „Зборови со персиско потекло во македонскиот јазик” од Зеќир Рамчиловиќ.
Книгата содржи вкупно 1.141 збор поделени во три групи – зборови со персиско потекло, зборови со дискутабилно потекло и лични имиња со персиско потекло. Во првиот дел дефинирани се 343 различни видови основни зборови со персиско потекло и 415 изведени зборови од нив. Во вториот дел, како дискутабилни со веројатно персиско потекло има 134 зборови и 109 од нив изведени зборови. Третиот дел содржи 140 лични имиња.
– Со овој фонд на зборови и типот на обработка, авторот сосема исправно одлучи да го изостави зборот „речник“ во насловот, туку книгата ја нарече „зборови со персиско потекло во македонскиот јазик“ со што и по наслов и по содржина ја исполни целта книгата освен за стручната, да биде четиво и за пошироката јавност, истакна промоторот на книгата зкадемик проф. д-р Драги Ѓоргиев.
Авторот Рамчиловиќ посочи дека ова е прва книга кај нас која ги прочува и дефинира персиските зборови од останатите со ориентално потекло.
– Идејата за нејзина реализација се случи за време на студиите по османистика во Софија, каде увидов дека влијанијата помеѓу јазиците во големата Османлиска Империја биле и повеќе од интензивни. Особено ми оставија впечаток големиот број на зборови кои во јавноста се сметаат за зборови од турско, но всушност се зборови со персиско или арапско потекло. Односно, доколку не ги диференцираме таквите зборови, научно поиздржано и попрецизно е да се користи терминот ориентализми. А доколку ги диференцираме тогаш зборовите со персиско потекло слободно можеме да ги наречеме персијанизми, рече Рамчиловиќ.
Издавач на книгата е здружението „Диван” од Скопје.