Професор по македонски јазик прави вино кое освојува награди. Станува збор за кавадарчанецот Влатко Тасев, кој за МИА вели дека и виното зборува, само треба да се знае винскиот јазик.

Тој е дециден дека на страста кон правење  добро вино посветува многу љубов, дел од своето време, внимание и трпение.

Моето семејство отсекогаш имало по неколку декари лозови насади, нагласува Тасев. Покрај житото, некои видови зеленчук и афионот, подвлекува, дедо ми одгледувал и лозје, кое во тоа време било без жици и колци.

– Од грозјето што го берел правел вино и ракија, нормално за свои потреби, бидејќи приносот бил многу скромен. Подоцна татко ми насадил десетина декари лозје во модерен облик и продолжил со традицијата на производство на вино и ракија. Се разбира и јас, од најрана возраст, бев присутен во сите процеси на работата на лозјето, а по бербата и во производството на вино и ракија. Така полека, но силно ме опфати магијата на овој благороден занает – винарството, ја започнува тој семејната винска приказна.

Тасев  кој има 55 години, кажува дека располага со скромен насад кој содржи повеќе видови грозје, од рани трпезни сорти, до вински сорти кои доцна се берат.

– За производството на вина, за своја душа, што се вели,  ги користам сортите  ,,кратошија”, ,,жилавка”, ,,ризлинг”, ,,смедеревка”, а во помали количини и ,,афусали” и ,,мускат”. Количината на производство е скромна, околу илјада литри, кои завршуваат главно во кругот на моите роднини и пријатели во заеднички дегустации и „вински“ разговори. Некој тоа го нарекува љубов, некој мерак, некој хоби, но во секој случај сакам да сум дел од винската култура на мојот град и да придонесам во развојот на оваа значајна дејност, дециден е професорот во Средното земјоделско шумарско училиште, кој произведува вина кои добиваат солидни оценки.

Има добиено повеќе награди за производството на, како што велат во Тиквешијата, божествениот пијалок, кој е и храна и лек, ако се дегустира со ,,усул”. На последниот официјален наторевар за производство на вино во домашни услови од страна на индивидуални производители, овој македонист освои прва награда за неговото бело вино од сортата ,,ризлинг”.

– Виното е едноставно составен дел од животот на тиквешани. Од дамнина па се до денес. Начин на живот. Виното е и за среќа и за тага. Дел од крштевките, венчавките, погребите. Дел од разни згоди и незгоди, анегдоти кои остануваат да живеат, порачува Тасев.

Светлана Дарудова