Здружението за проучување на македонската народна култура „Гирланда“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Македонска народна лирика“ од д-р Марко Китевски. Книгата всушност претставува студија за македонските лирски народни песни, досега најцелосно истражување на овој сегмент од македонското народно творештво. Воедно оваа книга претставува и втора книга од Одбраните дела на овој автор, по книгата „Македонски црковно-народен календар“ што беше објавена минатата година.
Кога станува збор за книгата „Македонска народна лирика“ треба да се каже дека на околу 470 страници објавени се истражувањата на сите македонски лирски песни како што се митолошките, обредните (свадбените и тажачките), потоа другите обредни песни, празничните (календарски) песни, религиозно-легендарните песни, трудовите, семејните, (со песните за деца), хумористично-сатиричните песни, љубовните песни, како и песните за дожд и друг лирски песни.
Како што пишува авторот во воведниот текст основна карактеристика на лирските песни е што тие ги опеваат само чувствата, а не и настаните и околностите во кои се јавуваат. Затоа лирската песна опева многу лични чувства на човекот, радост или жалост, воодушевување или разочарување и други состојби што човекот ги доживува. Исто така, одлика на лирската песна е нејзината синкретичност, поврзаноста со музиката и играта, но и со обредот, магијата и другите форми на народната култура.
Народната лирика ја карактеризира разновидност на темите, таа опева не само најразлични чувства на поединецот, туку и многу односи на човекот со околината, многу семејни односи, активности поврзани со народниот и црковниот календар и тн. Така македонските лирски народни песни го опеваат целокупниот живот на македонскиот човек од најстари времиња до денес.
Лирските песни се величални песни. Во нив се величаат многу позитивни човекови особини, а се осудуваат разни негативности, се велича трудот во трудовите песни, се велича семејството во семејните песни, но семејството исто така се велича и во свадбените песни, потоа во водичарските, лазарските и некои други песни. Се опева природата и се празнува враќањето на вегетацијата во ѓурѓовденските и особено во билјарските песни, но и во песните што се пеат на Летник и на Иванден итн.
Иако токму лирската песна го придружувала човекот уште од најраниот развиток, иако сведоштва за постоење на фолклор на наш терен имаме многу поодамна, сепак првите записи на вакви песни, кај нас се од 16 век. Причина за тоа е релативно доцниот продор на писменоста кај нашите народи. Неспорен факт е дека меѓу македонските народни песни лирските песни се најмногу застапени. Поради тоа не случајно првите запишани македонски народни песни се токму лирски песни. Имено, еден висок службеник на Римската црква минувајќи низ Македонија, во Костур запишал извесен број зборови и реченици од секојдневниот говор на Костурчани, со што го изработил и првиот македонски речник, а запишал и три македонски народни песни што претставуваат најстар запис од македонското народно творештво. Овие записи што беа објавени дури во 1958 година во Париз се чуваат во Ватиканската библиотека.
Во почетокот на 19 век македонски народни песни објави Вук Караџиќ, најпрвин една песна во својата збирка „Народна србска песнарица“ од 1815 година, а потоа и уште 27 најпрвин во „Новине српске”, а потоа и како засебна книшка. Овие записи од Разлошко, од пиринскиот дел на Македонија, се првите објавени македонски народни умотворби воопшто и претставуваат записи на лирски народни песни. Кон половината на 19 век првиот зборник со македонски народни песни го објави Стефан Верковик и тој содржи голем фонд лирски песни, но најрепрезентативно претставување на македонската лирика пред светската научна и културна јавност претставуваше зборникот на браќата Димитрија и Константин Миладиновци кој донесе 660 песни и други фолклорни и етнографски материјали од кои две третини се лирски народни песни. Од втората половина на XIX век, кога на почвата на Македонија интензивно се собираше македонското народно творештво, не само од самите Македонци туку и од многумина странци, па се до денес македонски лирски народни песни запишаа и објавија голем број собирачи како што се: споменатите браќата Миладиновци и Стефан Верковиќ, потоа Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Васил Икономов, Антон Поп Стоилов, Горѓи Пулевски, Наум Тахов, Панајот Гиноски, браќата Молерови, Владимир Качановски, Петар Данаилович Драганов, Атанас Илиев, Иван Јастребов, Милош Милојевиќ, подоцна Горѓи Киселинов, Јосиф Чешмеџиев. Панчо Михајлов, Војислав Радовановиќ, Андре Мазон и др. Особено огромен фонд македонски лирски народни песни се забележани по ослободувањето, односно по Втората светска војна, кога со планско собирање и истражување на македонскиот фолклор се занимава Институтот за фолклор „Марко Цепенков” од Скопје, но и голем број поединциод сите краишта на Македонија.
Обредните народни песни спаѓаат меѓу најстарите народни песни, иако е тешко попрецизно да се утврди кога тие точно настанале. Сепак според некои моменти во песните (синкретски, пагански, христијански), можат приближно да се насетат кореннте на некоја обредна песна, или на некоја нејзина дамнешна варијанта. Споредбата меѓу македонските обредни народни песни и ваквите песни кај другите словенски народи покажува дека потеклото на нашите обредни народни песни, како и на обредната поезија на сите Јужни Словени, има врска со прасловенското паганство, со светогледот на старите Словени уште од времето на нивното заедничко живеење во старата татковина. Сепак, иако имаат многу заеднички елементи кои зборуваат за нивното заедничко потекло во некое далечно минато, овие песни развиле и низа специфичности кај одделни народи. Таков е случајот и со македонските обредни народни песни кои со низа свои специфики се одделуваат од ваквите песни кај другите словенски народи.
Во обредните песни најповеќе дошле до израз разните верувања на човекот во постоењето на некои натприродни сили и особено верувањето во магиското дејство на зборот.
Неспорно е дека Словените по нивното доаѓање на овие простори имале контакти со староседелците како и подоцна со соседните несловенски народи, со нивните обреди и обредни песни, што, исто така, нашло одраз во обредните песни. Подоцнежното примање на христијанството, внесло нови елементи во овие песни. Некои песни посветени на старите словенски божества Дајбог, Перун и др. подоцна биле поврзани со некои ликови од христијанската религија и со одредени празници од христијанскиот календар. Таа контаминираност на старите пагански обреди и песни со сето она ново што го нудела новата татковина и новото време не одело ни брзо ни лесно. Човекот не можел да го избегне влијанието на околината, новите религии и сл., но љубоморно го чувал она што го донесол од старата татковина, обредите, песните, митологијата. Новата религија христијанството, настојувала да ги уништи старите пагански сфаќања, да ги уништи големиот број обреди поврзани со нив. А тоа и го постигнувала во покус или подолг период, со помал или поголем отпор и со помали или поголеми успеси. Не ретко, пак, она што не можела да го уништи христијанската црква го присвојувала ставајќи му свој, христијански белег. Особено впечетливо е поклопувањето на старите пагански со новите христијански празници. Со тоа преклопување црквата постигнувала два ефекта, од една страна добивала масовност но своите празнувања, а од друга страна старите пагански прослави со многу пијанство, неморал и сл., ги заменила со пристојни христијански празнувања. Тоа особено е видливо во празнувањето на Божик, Ѓурѓовден, Илинден, Иванден и др. Тоа е на пр. впечатлииво кај некои ѓурѓовденски, водичарски и други обреди и песни, како и со некои ликови од христијанската религија, кои, иако се поврзани со христијанскиот календар сепак се чувствува нивното паганско потекло. Други пак, дури до наши дни целосно ги задржале паганските обележја како што е случајот со новогодишните празнувања (василичарски, бабарски), потоа со русалиските, додолските и други обреди и песни кои црквата не успеала да ги истисне, а и христијанските обележја што им ги наметнала се незначителни.
Обредните народни песни се поетски состави кои најчесто се неразделен дел од обредот. Поради тоа освен за убавиот збор овде се води сметка и за некои други функции на песната. Затоа, овие песни се составен дел од обредот, но и од играта. Во таа смисла обредните народни песни се нешто повеќе од поезија како што е случај со другите песни зашто, во овие песни треба да гледаме не проста забава, како при многу други видови песни, не само израз на една чисто естетска потреба, но и израз на животните чувства и желби. Песните тука се обид да се повлијае при изведувањето на соодветниот обред врз природата и семејниот живот во определена позитивна смисла.
Меѓутоа денес веќе можеме да речеме дека во подалечното минато овие песни повеќе биле поврзани со обредот, а помалку се водело сметка за естетската вредност на песната, но со време и постепено таа се зголемувала за сметка на самиот обред. Затоа денес овие песни што опеваат разни трудови, семејни, љубовни, митолошки и други мотиви се исполнуваат во разни прилики, некогаш и независно од обредите. Во таа смисла може да се зборува за извесна практична функција на овие песни.
Обредните песни можат да се поделат на неколку подгрупи, песни поврзани со некои обреди што се изведуваат на одредени празници од христијанскиот календар, Нова Година (Василица), Бадник, Божик, Лазара, Велигден, Гурѓовден и сл, потоа песни поврзани со обредите за спречување на некои елементарни непогоди или за измолување дожд (с’крсти, додолски песни и сл.). Посебна и доста обемна група обредни песни се оние што ги придружуваат обредите поврзани со некои моменти од човековиот живот: раѓање, свадба, и смрт.
Во митолошките народни песни се одразени дамнешните човекови сфаќања, неговиот однос кон светот што го опкружувал, неговите толкувања на многу природни појави и разни животни прашања. А бидејќи примитивниот човек не можел да даде вистинско, научно толкување на овие проблеми, тој верувал во постоење на разни натприродни сили што управуваат со природата. Така во својата фантазија ги создал разните богови, добрите и лоши духови, многубројните суштества: самовилите, змејовите, ламјите, наречниците, чумата и др. Затоа митолошките песни се всушност поетски творби во кои е одразена некогашната митологија на човекот, неговото верување во разни натприродни сили и суштества. Поради тоа, митолошките песни се огледало во кое ние денес го гледаме нашиот предок, неговите сфаќања, неговата фантазија, целата негова митологија. Иако една од карактеристиките на митолошките песни е мешањето и дополнувањето на измисленото и реалното, сепак во основата на овие песни е човекот. Остава впечаток дека сите многубројни суштества имаат натчовечка моќ но човечки квалитети и мани.
Во митолошките народни песни на сите словенски народи се среќаваат некои заеднички елементи, пред се заедничките суштества: самовили, ламји, змејови и др., што зборува за фактот дека овие песни потекнуват од времето кога овие народи живееле во заедничката прататковина и кога имале заедничка митологија. Но, во овие песни се среќаваат и некои интернационални мотиви, а нивното потекло треба да се објаснува како и потеклото на мотивите во народните приказни.
Во митолошките песни најчесто се среќаваат некои суштества од демонологијата: самовили, ламји, змејови… Овие песни се секако најубавите во митолошкиот циклус. Потоа, во овие песни не ретко се среќаваат и некои природни појави (молња, ветер, дожд) како и небеските тела (сонце, месечина, ѕвезди) и т.н. Но и разни други суштества од човековото верување во натприродните сили (вампири, чуми, толосоми, наречници и сл.) исто така нашле место во овие песни. Поголем број вакви песни се создадени врз верувањето во магичната моќ на зборот (клетвите, благословите, здравиците итн.). Некои песни го содржат верувањето во задгробниот живот, други метаморфозата, трети се засновани врз верувањето за потреба од жртва при градба итн.
Блиски до митолошките песни (иако се изделуваат во посебна група) се религиозно–легендарните песни кои најчесто имаат поучна тематика. Во овие песни се среќаваат мотиви од Библијата, потоа од разни хагеографски и апокрифни текстови. Поради тоа во овие песни се пее за Исус Христос, за Богородица, за разни светци (свети Никола, свети Илија, свети Димитрија, свети Јован и др.), потоа за рајот и пеколот, за грешните луѓе и др. Притоа во песните свети Петар е опеан како чувар на клучевите од рајот и пеколот, свети Никола како господар на водите, на морињата и езерата, свети Илија како господар на временските прилики, на молњите и грмотевиците, свети Горѓија е поврзан со ламјата итн. Во овие песни се среќава мешање на христијански и митолошки елементи (Богородица и самовилите, свети Горѓија и ламјата, свети Илија и девет ламји и др.), како што и во митолошките песни често се среќаваат христијански елементи. Од друга страна, целиот овој натприроден свет е поврзан и со реалниот човечки живот преку сложени социјални и етички проблеми. Од друга страна, пак, видливо е во песните од овој циклус дека светците имаат многу човечки особини: Богородица го ѕида манастирот Трескавец, свети Никола гради црква, свети Ѓорѓија ја убива ламјата што им прави штета на луѓето итн. Бидејќи овие песни содржат христијански мотиви во нивното создавање, секако, големо влијание имале црковните луѓе, пред се, свештениците коишто во песните вметнувале многу елементи со христијанска содржина. Сепак, судејќи по многуте фолклорни елементи во тие песни, придонесот на црковните луѓе во областите со православно население бил само посреден и се состоел во уфрлање идеи и поттикнување на создавање и пеење песни, па затоа ваквите песни од овој терен всушност се народни за разлика од католичкото свештенство кое неуморно создавало песни и како готови творби ги уфрлало меѓу народот.
Во македонските трудови народни песни се опеани главните занимања на нашиот човек земјоделството и сточарството, потоа поновите занимања, разни занаети, печалбарството и сл. Но, треба посебно да се нагласи дека песните од овој циклус не ретко се мешаат, се преплетуваат со песните од другите циклуси. Така на пример, некои жетварски или овчарски песни се пеат и со некои обичаи при започнувањето или завршувањето на жетвата, при берење билје или при крмењето на стоката поради што можат да се сретнат и во циклусот на обредните песни. Тие не ретко ги опеваат и љубовните чувства на жетварите, овчарите или на разните занаетчии па оттука кога во нив преовладуваат љубовните чувства, тие се среќаваат и во циклусот на љубовните песни. Поради оваа причина, всушност поради широката можност трудовите процеси да се поврзат со најразновидни мотиви, кои често се јавуваат само како некаква „надградба“ на основната тема, се случува да се изгуби врската со неа и таа да дојде на споредно место. Затоа некои од трудовите песни можат да се сметаат како љубовни, семејни, обредни итн. Но сепак за трудовите песни најважно е што го претставуваат човекот во работата (и со неа) и во различни ситуации во општеството. Тие или придружуваат некои работни процеси (орање, сеење, жетва, вршидба, чување овци и друга стока),или опеваат разни занаетчиски дејности. Посебно треба да се нагласи дека меѓу трудовите песни најраширени се оние за обработката на земјата како што се орачките и жетварските со кои се преплетуваат и аргатските песни.
Овие песни своето потекло го имаат во многу далечното минато кога нашиот предок ги совладувал првите работни вештини, а песните што ги придружувале нив биле дел од синкретската уметност на луѓето, составени од елементи на игра и мелодија, ако веќе можат да се наречат со тоа име, ги сочинувале одделни гласови што биле најчесто репродукција на производствените процеси и движења, усогласени со нивниот ритам. И не само што овие песни имале пригодна содржина, т.е. содржината била во врска со работата со која се пееле, туку и ритамот на стихот бил подесуван според ритамот на работата. Подоцна песната добила свој тек на развој како што се развивал и човекот, па записите на трудовите песни што ги имаме денес извонредно многу се оддалечиле од својот првообразец.
Семејните песни познати и како битови песни опеваат најразлични односи од секојдневниот живот внатре во семејството меѓу одделни негови членови, како што се родителите и децата, браќата и сестрите, снаите, деверите, золвите итн. Овие песни од една страна ги афирмираат позитивните човекови принципи, добродушноста, добронамерноста, меѓусебното почитување, готовноста за жртва и тоа е светлата страна во тематиката на семејните песни. Но, од друга страна во овие песни се опеани и некои негативни особини на човекот како што се зависта, омразата, лагата, пијанството и др. Особено во таа смисла се впечатливи песните во кои се опеваат односите меѓу свекрвата и снаата, помеѓу јатрвите и сл. Не биле ретки случаите кога судирите меѓу одделни членови на семејството имале мошне трагични последици. Народната песна не можела тоа да не го забележи.
Иако во целина посматрани, семејните песни ги одразуваат и карактерните, лични и социјално општествени односи на нашиот народ и нашите луѓе низ одредена историска призма сепак е интересно што поголем број од македонските семејни народни песни и денес се пеат онака како што се создавале и пееле во минатото, иако многу нешто во семејниот живот на нашиот човек денес е изменето во однос на минатите времиња. Така на пример, темите за брачниот живот, за семејството, за семејните односи и сл., до денес се непроменети макар што не соодветствуваат на денешната фактичка ситуација на односите во семејството.
Посебно интересни и исполнети со лирски чувства се песните за децата. Некои од нив ги создаваат возрасните, а за потребите на децата, други пак, си ги создаваат самите деца, пред се за забава. Во оваа група спаѓаат приспивните песни како и детските говорни игри: залагалки, броеници, брзозборки, закачки и др. Но овие поетски состави имаат не само забавна функција, туку служат и за вежбање на говорот кај децата, потоа концентрацијата и сл. па со тоа значајна е и нивната образовна и педагошка функкција.
Во македонското народно творештво како и во народното творештво на многу други народи хумористично–сатиричните песни заземаат посебно важно место. Иако ги немаат уметничките вредности на некои други видови песни како што се љубовните, митолошките, обредните итн., сепак со својата бројност како и со мотивско-тематскиот распон овие песни се изделуваат во посебна група и заслужуваат посебно внимание, особено во едно покомплексно и посестрано истражување на лирските песни.
Кога станува збор за потеклото на овие песни нивните истражувачи истакнуваат дека тие спаѓаат меѓу помладите лирски песни, веројатно започнале да се создаваат во времето на родовото општество. Во почетокот острицата на смеата, иронијата, сатирата била насочена против неспособните луѓе, а подоцна и против класните нееднаквости и спротивности.
Поради тоа што кај повеќето вакви песни целта е да предизвикаат смеа, меѓу народот се познати како смешни песни. Под тој наслов Смешни ги среќаваме и како посебен циклус во зборникот на браќата Миладиновци. Но сепак, иако меѓу народот се познати под ова име во некои песни сосема малку има хумор. Некои од нив повеќе укажуваат на разни недостатоци, на разни недозволени постапки, на разни појави што се во расчекор со јавниот морал. Тие песни честопати предупредуваат, критикуваат, жигосуваат.
Во хумористично сатиричните песни среќаваме од благ хумор, кој нема цел да навреди или жигоса, до жестока критика на многу негативни појави во животот на човекот како што се социјалните нееднаквости и посебно нивните носители (попови, владици, чорбаџии и сл.), потоа пијанството, мрзеливоста, неспособноста итн. Исто така, треба да се нагласи дека во едни песни носители на смешните постапки се луѓето и кон нив се упатени смеата и сатирата, додека во други во ваква улога се јавуваат животните и тие се однесуваат како и луѓето, и преку нив се исмеваат или критикуваат одредени негативни постапки или особини на луѓето. Иако во овие песни има алузии на разни негативни постапки од животот на човекот, иако во други песни има жестоки критики на таквите негативности во овие песни има и поука, но таа не е примарна нивна задача.
Меѓу македонските народни песни посебно значајно место и по бројност и по тематска разновидност заземаат љубовните песни. Но, тие се не само најмногубројните туку и уметнички најиздржаните народни песни. Љубовта е вечна тема на инспирација, па така уште во најрано објавените зборници со македонски народни песни љубовните песни доминираат. На пример, во зборникот на браќата Миладиновци љубовните песни се одделени во посебен циклус и се нумерирани од 286 до 510. Што значи се застапени 224 љубовни песни што според обемот претставува цела една збирка. Љубовните песни во посебни оддели се застапени во голем број други зборници со македонски народни песни како што се зборниците на Наум Тахов, Кузман шапкарев, Васил Икономов, Антон Поп Стоилов, итн.
Истражувачите на овие песни истакнуваат дека љубовните песни пленат со силината на чувствата и богатството на поетските слики и облици дека се одраз на субјективното расположение на пејачот и дека во прашање е обично кратка лирска слика, без секаков настан, но во нив наоѓаат соодветен одраз и сликите на општествениот живот, дека како и семејните, и љубовните песни по правило се непосреден одѕив на конкретните животни прилики во кои настануваат, поради што во значително поголема мера се подложени на промени отколку обредните или обичајните, дека од дамнина основниот мотив на овие песни е истакнување на убавината на саканата личност, љубовниот копнеж и прибегнување кон магијата за да се исполни.
Книгата, како што е вообичаено за вакви изданија е опремена со нужната научна апаратура, но оставаат впечаток поголем број фотографии кои се во функција на текстот. Така со соодветни фотографии се проследени текстовите за обредите на Водици, Лазарева сабота, Бадник, Василица и други празници, потоа текстовите за трудовите, семејните и другите видови песни. Книгата „Македонска народна лирика“ од д-р Марко Китевски ќе најде свои интересенти кај повеќе категории читатели, не само меѓу истражувачите на македонскиот фолклор, туку и во сите степени на образованието, а ќе предизвика интерес и меѓу обичните читатели.