Една епидемија беше доволна за да ни покаже со какви неодговорни луѓе на позиција си имаме работа во државава. Нивната самобендисаност, несамокритичност и однесување како да се од Бога избрани да ги вршат функциите кои им се дадени сите скапо ќе ги платиме.
Најеклатантен пример за ова однесување е госпоѓата директорка на Клиниката за кожни болести, која не сакајќи да си го ремети планот и покрај препораките на Владата да не се патува во северна Италија, одлучила дека скијањето токму таму е многу поважно отколку тоа да не се донесе вирусот во Македонија. Банско и Копаоник се за обични смртници, тие избраните мора да одат во Италија и само во Италија, макар беснеелеа и епидемија.
Уште посимпатично е тоа што дотичнава е докторка и многу повеќе од нас лаиците треба да разбира и да знае што е епидемија и дека препораките треба да се почитуваат од сите без исклучок. Но ете, не само што одлучила да си се прошета и да си ја олади главата и да подише чист алпски воздух, туку и самобендисано не се тестирала кога дошла назад, не за друго туку знаела жената дека така избрани суштества како нејзе не ги фаќа вирус. Па така, 10 дена е подвижна зараза, шеткајќи си по клиника, држејќи предавања по симпозиуми, притоа доведувајќи во опасност огромен број на луѓе. И не само тоа, благодарение на нејзиното несовесно работење 150 дерматолози се во карантин и надвор од здравствениот систем, ама без секирации, пациентите можат да се лечат со иљачите на баба Рада. Не мора баш сега да се оди на лекар за некоја егзема или алергија, меланомите исто така може да почекаат едно две недели, не е проблем. Како што би рекол Филипче, пациентите пред се! И нормално нема одговорност од никого за тоа што системот за заштита од вирусот Ковид -19 го урниса доктор, притоа директор на клиника поставен од министерот Филипче. Нема потреба Филипче да си поднесе оставка за ова, големо чудо шо може да се пеплоса државава со вирус ради негов човек, имаме ние респиратори за сите и лесно ќе се избориме со вирусов ако излезе од контрола ситуацијата, големо чудо.
Драги мои, во државава беснее епидемија на неодговорни и арогантни луѓе на власт и истата трае веќе 3 години. Со луѓе кои свесно го еродираат системот и секоја пора на државата. Луѓе кои немаат сенс за одговорност туку само за пљачкосување, рекетирање и делење на тендери. Луѓе за кои очигледно човечкиот живот нема никакво значење, луѓе кои се над Устав и Закон.
Недопустливо е да се дозволи ваквото однесување на претставниците на власта да продолжи. Доста е.
Мартина Басарова Ѓеровска