Кризата со корона вирусот можеби заврши, но низ цел Израел возрасните и децата се разболуваат од вирусни инфекции, што е феномен невиден за овој период од годината, објавува Ерусалем пост повикувајќи се на разговор со неколку медицински професионалци.
„Никогаш не сме виделе вакво нешто“, рекол д-р Тал Брош, раководител на одделот за инфективни болести во болницата Самсон Асута Ашдод.
„Ги следевме вирусните инфекции во болницата, што секако е само врв на ледениот брег од она што се случува надвор меѓу луѓето, бидејќи на секој хоспитализиран пациент, доаѓаат по неколкумина заразени кои се надвор. Од пролетта, гледаме сè поголем број на респираторни заболувања, а од мај има наплив на случаи на RSV“.
RSV или респираторен синцицијален вирус кој може да предизвикуа и смртоносна пневмонија, обично се појавува во зима заедно со грип, и е особено сериозен кај многу мали деца и постари, ранливи возрасни лица.
„Обично гледаме како исчезнува во текот на летото, но ако ги земеме предвид бројките, тие се како бројките од зимските периоди во претходните години“, рекол Брош.
„За време на зимата 2020-2021 година, не видовме еден индивидуален случај на RSV“.
RSV не е единствениот вирус кој широко циркулира – други болести кои во моментов инфицираат се поголем број на луѓе се еден вид аденовирус, човечки метапневмовирус (HMPV) и риновирус. Сите тие се поврзани со респираторни симптоми и други симптоми слични на симптомите на силна настинка. Во исто време, грипот не ја погоди земјата уште од зимата пред пандемијата.
„Сепак, не го проверуваме видот на вирусот во сите случаи“, изјавил д-р Тал Снир, директор на клиниката за адолесценти во медицинскиот центар во Сораски во Тел Авив (Детска болница Дана-Двек).
Снир истакнал дека по годината на пандемија, не е изненадувачки што овие болести се појавуваат повторно.
„Не ги видовме во текот на зимата затоа што носевме маски и поради заклучувањата, но тие се нормални вируси“, рекла таа. Иако се чини дека не е објавена официјална студија на оваа тема, Брош изјавил дека сличен феномен бил пријавен во Австралија пред неколку месеци, во текот на првотот лето по зимските месеци со корна.
Бројот на деца хоспитализирани со респираторни и гастроинтестинални заболувања е исклучителен и во медицинскиот центар Шаар Зедек во Ерусалим, истакнал д-р Гиора Вајзер, директор на Одделот за детска итна медицина.
„Децата се враќаат на училиште, гледаат пријатели и повторно имаат нормален живот, и овие вируси се одмаздуваат“, рече Вајзер. Иако нема посебна причина за загриженост, Вајзер рече дека на персоналот не му било лесно заради преоптоварувањето на работата. Сите експерти се согласија дека никој не може да предвиди како овој наплив на инфекции ќе продолжи да се однесува во следните недели и месеци.
„Ова не е пандемија, овие вируси постојат во земјата и секоја зима доаѓа со болести“, додал Брош. „Она што е сега чудно е сезоната и не знаеме дали ова ќе умре наскоро или ќе продолжи следната зима и што всушност ќе се случи следната зима“.