На Одделот за физикална медицина и рехабилитација во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје наскоро ќе биде во функција нова хипербарна комора за лекување на пациенти со хронични рани и рани кои тешко заздравуваат, дијабетично стопало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации, но и спортисти.
Комората ќе биде на располагање и за Пластична хирургија, Дерматологија и останатите болнички оддели, согласно потребите и медицинските индикации. Новата услуга е овозможена како проектна активност на болницата со донација од компанијата „Зегин“.
-Услугата најчесто ќе ја користат пациентите со хронични рани, кои тешко заздравуваат, дијабетично стопало, изгореници, но исто така и од пластична хирургија, пулмологја, сегметите кои работат на зајакнување на имунитетот и не само пациенти туку и здрави спортисти кои понатаму преку проектите што ги планираме ќе бидат користени за зајакнување на нивните спортски перформанси. За кратко време ќе стане достапна за пациентите, изјави денеска директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојкоски, кој ја претстави новата опрема пред премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу.
На проектот за хипербарната комора се работело пет месеци, а како што најави Стојкоски ќе стане достапна за пациентите за кратко време.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е исклучително благодарен што има општествено одговорни компании кои помагаат да има подобри услови за граѓаните.
-Да се заблагодарам за интересот, да се заблагодарам на фондацијата „Доктор Верица Механџиска“ за оваа донација која ја овозможи за болницата „8 Септември“. Многу значи, таа е додадена вредност и е единствена од ваков тип во Македонија. Јас сум исклучително благодарен што имаме вакви општествено одговорни компании кои на овој начин само покажуваат дека покрај нивното тековното работење тие треба да бидат и општествено одговорни и со тоа да направат подобри услови за живот на граѓаните. Од срце сум благодарен и на компанијата и на Фондацијата што го препозна сето тоа и што навистина активно е општествено одговорна како компанија во Македонија. Би сакал помалку пациенти кои ќе имаат потреба од типот изгоренци, а повеќе од делот на спортот, но животот е таков не се знае што може и како да се случи, така што, сепак да се има една ваква опрема е само додадена вредност за здравствениот систем, рече Мицкоски.
Министерот Алиу ја поздрави соработката меѓу приватниот и јавниот сектор истакнувајќи дека ќе се придонесе за поквалитено и поблиско здравство до граѓаните.
-Во успешните земји соработката помеѓу јавниот и приватните институции е клучна за иноваци, нови технологии, за подобро здравство и ние ги следиме таквите чекори, рече Алиу.
Тој додаде дека верува оти со приватниот сектор и со новиот пристап од Министерството за здравство ќе придонесат за поквалитетно здравство поблиско до граѓаните.
фото: принтскрин




