Денеска, заеднички испишуваме ново поглавје во развојот на спортската инфраструктура и вложувањата во младите кадри – истакна министерот за спорт, Борко Ристовски, на свеченоста по повод почетокот на изградбата на новата спортска сала во рамки на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.

Министерот Ристовски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, го означи почетокот на изградбата на спортскиот објект кој, првенствено, ќе биде наменет за обука на питомците, но ќе биде достапен и за учениците и жителите на општина Аеродром.

Овој проект е резултат на воспоставената соработка и потпишаниот меморандум меѓу Министерството за спорт и Воената академија, со цел унапредување на спортските активности во рамките на образованието и обуката на воените питомци.

– Поставувањето на камен-темелникот за новата спортска сала претставува и симболичен и суштински чекор кон подобрување на условите за физичка подготовка на питомците од Воената академија. Оваа сала не е само спортски објект туку и училиште каде што ќе се негуваат дисциплината, тимската работа – вредности кои се подеднакво важни и за спортот и за воената служба. Како

Министерство за спорт, остануваме целосно посветени на создавање современи, функционални и достапни услови за спортување – потенцираше Ристовски. Министерството за спорт е инвеститор на овој капитален објект, со вкупна вредност од 64.780.000 денари. Рокот за изградба е две години од денот на поставување на камен-темелникот, но министерот Ристовски изрази уверување дека салата ќе биде завршена и пуштена во употреба и пред предвидениот рок. Проектот се реализира во соработка со Министерството за одбрана и со поддршка од Владата.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски во оваа прилика нагласи дека после 30 години за прв пат се гради нов објект во Воената академија кој ќе биде од особено значење за развојот на военото спортско образование, за питомците и за студентите, но и за целата Армија.

-Не застануваме тука ќе продолжиме со многу други проекти – рече министерот Мисајловски и додаде дека на последната седница на Владата се донесе одлука и за реконструкција односно проект за Домот на АРМ, хотелот „Шар“ на Попова Шапка.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека овој спортски објект кој првенствено ќе го користи армијата, ќе биде од отворен тип.

-Оваа спортска сала ќе ја користат питомците од Воедната академија, армијата, но ако има слободни термини таа ќе биде отворена и за спортски активности на ученици и граѓани од општина Аеродром. Иако рокот за изградба е две години, министерот Ристовски е оптимист дека салата ќе биде готова и догодина ќе може да ја пуштиме во употреба – изјави Мицкоски.

Новата сала ќе биде со димензии 45×30 метри, со стандарден терен за ракомет, кошарка и одбојка, трибина со капацитет за 400 гледачи, соблекувални и дополнителен подтрибински простор.