Владата ја донесе одлуката како ќе се одвива наставата во учебната 2020/2021 година, а се очекува да биде одреден и нејзиниот почеток што зависи од функционирањето на Собранието.
Законодавниот дом треба да ги усвои измените на законите за основно и за средно образование направени согласно со здрвствените протоколи и со планот за начинот на реализација на наставата (онлајн со два исклучока) и траењето на часовите кои ќе бидат пократки за десет минути од регуларните.
Исто така, треба да се утврди и соопшти начинот на кој родителите на деца до трето одделение кои, според одлуката, наставата треба да ја следат во училишните клупи, ќе се изјаснуваат дали сакаат децата да им учат онлајн и дали ќе има одредено услови/причини за оправданост на нивниот избор.
Министерот за здравство Венко Филипче завчера на прес-конференција рече дека изборот е овозможен зашто во семејствата на некои деца има хронично болни (родители, баби, дедовци) кои се во ризична категорија во однос на вирусот.
Исто така, засега се непознати и критериумите кои училишта ќе може да организираат настава со физичко присуство, а тоа важи за училишта со помал број ученици и паралелки, главно подрачните, кои се наоѓаат во мали населени места и во рурални средини. Главен услов е стабилна епидемилошка состојба, но за да организираат класична настава тие треба да добијат согласност од ресорните министерства односно од Владата.
Учениците кои ќе следат настава во училиштата ќе носат заштитни маски и ќе седат на растојание најмалку од 1,5 метар во училница со најмногу 20 деца. Наставникот е обврзан да не ја напушта училницата, а за да нема метежи по ходниците и влезовите на училиштето, почетокот и крајот на часовите по паралелки ќе имат десет минути разлика.
Голем предизвик ќе биде спроведувањето на онлајн-наставата која освен за двата исклучока (ученици до трето одделение и училишта со малку ученици) ќе важи за сите останати, кои часовите ќе ги следат преку е-платформи за двонасочна комуникација со наставникот.
Министерот за образование Арбер Адеми рече дека продолжува да се надградува платформата Едуино.мк која профункционира за онлајн-наставата во март и се снимаат и прикачуваат нови видеолекции со теми од наставната програма за првото тримесечје од учебната година. Бирото за развој на образованието пред една недела соопшти дека за основно образование се изготвени 60 отсто од содржините за септември, во средно гимназиско образование 50 отсто и за средно стручно образование 30 отсто.
Бирото информираше дека Едуино.мк ќе има и нова функционалност – е-распоред со кој на сите училишта ќе им помогнат да изработат распоред за настава од далечина. На училиштата им се пратени дописи за тие да ги испраќаат бараните информации и да се изработат профили за секое одделно училиште.
– Бирото за развој на образованието овие денови постави обука на далечина за наставниците за користење и креирање основни алатки за реализација на наставата, а во тек е процесот за акредитација на програми за обука од областа на учењето на далечина коишто би се реализирале со почетокот на учебната година и би им биле поддршка на наставниците при реализација на наставата, соопшти БРО.