Можност за предвремено пензионирање до максимум пет години пред остварувањето на правото на пензија, но со намален износ, планира да овозможи новата влада во следниот мандат.

Кога ќе се спроведе мерката, како што стои во владината програма за работа од 2020 до 2024 година, не е прецизирано, објави порталот Фактор.  Владата се обврзува да обезбеди нова повисока минимална пензија која ќе изнесува најмалку 10.700 денари за сите, а се најавува и можност за докуп на стаж за да се добие пензија.

– Ќе овозможиме флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија. Ќе овозможиме волонтирање и работно ангажирање на возрасните лица кои сакаат исполнети денови. Воведуваме програми за поголема мобилност за старите лица преку субвенциониран меѓуградски превоз, стои во програмата.

Исто така за пензионерите се најавува воспоставување 10 центри за активно и здраво стареење, со програми кои ќе се грижат за менталното и физичкото здравје, социјализацијата и меѓуврсничката комуникација на старите лица.