Најдобриот светски рекет, Новак Ѓоковиќ, позитивен е на коронавирусот, пренесуваат српските медиуми. Покрај него, позитивна на вирусот е и неговата сопруга, Јелена Ѓоковиќ.

Во неделата бугарскиот тенисер, Григор Димитров, на социјалните мрежи објави дека е заразен со Ковид-19 и таквата вест предизвика паника помеѓу тенисерите и присутните на „Адриа Тур“, турнирот во организација на Ѓоковиќ кој викендов се одржа во Задар. Финалето на истиот турнир беше одложено, како и одржувањето на турнирот во Босна и Херцеговина.

-По доаѓањето во Белград веднаш отидовме на тестирање. Мојот и резултатот на Јелена е позитивен. Оние на децата се негативни. Се што направивме во изминатиот месец, направивме од чисто срце и со искрени намери. Нашиот турнир беше од хуманитарен карактер и идејата беше да помогнеме на тенисерите од регионот и да им овозможиме услови за играње и остварување приходи во овој тежок период, изјави најдобриот светски тенисер.

Тој ќе остане во самоизолација 14 дена, а тестот ќе го повтори во следните неколку денови.