Првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ е прогласен за спортист на Балканот за 2021 година во изборот организиран од Бугарската новинска агенција (БТА).
Србинот, по рекорден седми пат се најде на првото место во 48-от избор на најдобар балкански спортист. Претходно Ѓоковиќ ја освои наградата пет пати во низа 2011 до 2015 година и во 2019 година.
Во гласањето учествуваа новинари од десетте национални агенции од регионот: МИА, БТА, АГЕРПРЕС, АА, АНА-МПА, АТА, ТАНЈУГ, МИНА, ФЕНА и ХИНА.
Шампионот на Австралија опен, Ролан Гарос и Вимблдон доби 83 од можни 100 поени. Втор со 56 поени е грчкиот кошаркар Јанис Антетокунмпо, шампион во НБА со Милвоки, МВП во финалето на НБА и стартер на НБА Ол старс натпреварот. Трет со 48 бодови е грчкиот атлетичар Милтијадис Тентоглу, олимписки и европски шампион во скок во далечина.
Од македонските спортисти, најдобропласиран е таеквондистот Дејан Георгиевски кој е на делба на 17. место со српската одбојкарка Тијана Бошковиќ.