Новата унгарска влада ќе ги отвори историските архиви на тајната полиција од комунистичкиот период, изјави Балинт Руф, кој ќе го води кабинетот на Петер Маѓар, кој се очекува да стане премиер на 9 мај.

Партијата од десниот центар Тиса победи на изборите на 12 април, поразувајќи ја Фидес на долгогодишниот лидер Виктор Орбан, меѓу другото со ветувања за враќање на Унгарија на проевропскиот пат, оживување на ослабената економија и деблокирање на милијарди евра средства од Европската Унија.

Руф, кого Маѓар го потврди како свој избор за шеф на кабинетот, изјави за порталот „Валаш онлајн“ дека отворањето на архивите ќе биде негов „приоритет број еден“.

– Ова е задача за историчарите, но јас ќе обезбедам следната влада да создаде рамка за таа работа, односно да овозможи истражување без политички притисок – изјави Руф, адвокат и политички советник.

За разлика од Полска или Чешка, Унгарија никогаш официјално не ги објавила имињата на соработниците на тајната полиција од комунистичкото време, иако дел од нив повремено се појавувале во медиумите.

Поединци имаат пристап до сопствените досиеја, но не и до материјали за други лица, вклучително и за поранешни доушници.

Историчарот Криштијан Унгвари, силен поддржувач на целосна транспарентност, во 2023 година изјави дека, иако „минатото на јавните личности не е јавно, тие постојано ќе бидат изложени на уцени од оние што имаат пристап до тие информации“.

Руф најави и формирање канцеларија за враќање на милијарди форинти изгубени поради корупција, која ќе ги надгледува и европските прашања со цел внимателно следење на процесот на деблокирање на средствата од ЕУ.

МИА