Нова вонредна состојба во траење од 14 дена за справување со економските ефекти поврзани со Ковид-19, како и за заокружување на здравствените одговори на пандемијата прогласи вчера претседателот на државата Стево Пендаровски, иако Владата бараше нови 30 дена вонредна состојба.
Ова е трето прогласување на вонредна состојба, откако првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, која завршува денеска, на 16 мај.
Пендаровски по седницата на Советот за безбедност рече дека надлежните институции работат координирано и оти ситуацијата е подобрена и евидентно е дека како држава добро се справуваме со корона кризата.
– По широките консултации што деновиве ги имав со повеќе експерти и со советниците во Кабинетот, а врз основа пред се од кажаното и предложеното на седницата, одлучив да прогласам нова вонредна состојба во траење од само 14 дена, наместо бараните 30. Со оглед на позитивните трендови на смирување на пандемијата сметам дека 14 дена се доволни. Причина за ваквата одлука е имплементирање на економско-социјалните мерки за ублажување на последиците од пандемијата што сега се чувствуваат поради фактот што огромен број на фирми не работеа и се уште не работат, образложи претседателот на државата.
Шефот на државата нагласи дека траењето на вонредната состојба од 14 дена нема никаква корелација со датумот за избори и дека тоа е посебна тема која ќе се дискутира на следната лидерска средба на почетокот на идната недела.
Осврнувајќи се на, како што рече, многубројните реакции од граѓани на мерките за справување со коронавирусот, а се на пример поврзани со ограничувањето на движењето, затворањето на школите и градинките или на стопанските субјекти, Пендаровски потенцира дека тие не се на ниеден начин поврзани со декларирањето на вонредната состојба.
– Поинаку кажано, дури и во вонредна состојба тие можат да бидат укинати, рече Пендаровски.
Шефот на државата побара од Владата да размисли за постепено намалување на рестрикциите на движењето на граѓаните и во однос на работата на стопанските субјекти.
Двете одлуки на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено. Тие беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата, досега, изнесува 1.740, бројката на оздравени пациенти е 1.251, на починати е 97, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 392.