Бомбите со кои се расфрлаше опозиционерот Зоран Заев сега му се враќаат по глава на премиерот и министер за финансии Зоран Заев.
– МВР постапува, а се имаме обратено и до државите партнери – сојузници од каде што мислиме дека неовластено се лиферуваат снимени разговори, што е забрането со закон, за законски да се постапи. Информиран сум преку МВР дека под раководство на Јавното обвинителство се водат истраги за сите овие работи, одговори Заев на новинарско прашање на денешната прес-конференција во врска со разговорите кои ги објавува Ел Чека.
Тој е уверен дека материјалите што се објавуваат незаконски не се излезени од СЈО, заради тоа што, како што рече, од тоа што можел да го слушне и да му биде образложено, видел дека сега објавените материјали веројатно не се во посед на СЈО.
Според Заев, прашање е кој се поседува вакви материјали во државата. Тој напомена дека се работи за разговори снимени незаконски во периодот од минатата извршна власт од 2008 до 2014 година.
За Заев објавувањето на телефонските разговори е кривично дело, но за причините зошто некој тоа го прави, смета дека треба да се направат анализи.
– Згрозен сум од тоа што го слушам затоа што таму пред се има приватни разговори. Кога ги поседувавме ние, строго професионално без да навлеземе во каква било приватност, тоа го направивме за да ги покажеме индициите за можни незаконитости, криминал или во најмала рака недозволиво етичко однесување. Сите ги предадовме во СЈО, рече Заев на прес-конференцијата.
На новинарско прашање зошто се објавуваат „бомби“, телефонски приватни разговори за ДУИ, а не и за други партии, Заев побара од новинарите „ако имаат телефонски број од Ел Чека да му се јави и да го праша зошто објавува само за Али Ахмети, а не и за него“.
– Овој човек треба да одговара и кога тогаш ќе одговара, светот е глобално село и ќе одговара. Дали треба да го мотивирам и за мене да објави. Ќе одговара, еве и преку камери. Ќе одговара ова му е директно од премиерот, го повика Ел Чека денеска од прес-конференција премиерот Заев.
Тој му порача и дека приватноста е заштитена, постои закон и кривично се одговара.
– Ние како тогашна опозиција сме добиле на располагање, по моја проценка некаде околу една третина од покривањето, на неовластеното прислушување. Во тие неовластени разговори, 70 проценти се опозиција, бизнисмени, НВО, верски заедници или слично, додека 30 проценти се тогашните владејачки партии, рече меѓу другото Заев.
Како што е познато, со незаконски снимени материјали и уцени со тн. Заеви бомби, токму Зоран Заев и неговата партија СДСМ вршеа политички терор врз поранешниот премиер Никола Груевски и поранешната власт.