Претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола, силно го осуди коруптивниот скандал кој го потресе европското законодавно тело, во денешниот говор пред европратениците во Стразбур, Франција.
Европската демократија, нашите отворени, слободни, демократски општества се нападнати и непријателите на демократијата за кои самото постоење на Европарламентот е закана, нема да запрат пред ништо, оцени Мецола.
Белгиската полицијата уапси 4 луѓе, меѓу нив и потпретседателката на Европскиот Парламент, гркинката Ева Каили.
Тие се обвинети за корупција и перење на пари, по објавените сомневања дека претставници на Катар, земјата каде во моментов се одржува светското првенство во Фундбал, подмитувале претставници на ЕУ за да купат политичко влијание.
Во рамките на истрагата, белгиската полиција запленила над 600 000 евра од 16 локации каде бил извршен претрес. Истовремено, биле конфискувани и повеќе компјутери и мобилни телефони.
Мецола потврди и дека ја суспендирала Каили од потпретседателската функција во Европарламентот, додека таа е протерана од грчката партија Пасок. Обвинителите во Грција го замрзнале и сиот имот на Каили.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека обвинувањата се исклучително сериозни и повика на создавање на ново етичко тело на Европската Унија.
„Нема да има неказнивост, никако. Оние кои се одговорни ќе видат дека овој Парламент е на страната на законот и јас сум горда на нашата улога и помош во оваа истрага. Нема да има „туркање под тепихот“. Ќе започнеме со внатрешна истрага за да ги погледнеме сите факти поврзани со Парламентот и да видиме како нашите системи може да станат уште посилни. Нема да има „бизнис како вообичаено“. Ќе почнеме со процес на реформи за да видиме кој има пристап до нашите премиси, како овие организации, невладини организации и луѓе се финансираат и како се поврзани со трети земји.“ – изјави Роберта Мецола.
Попладнево се извршени нови рации во врска со истрагата поврзана со наводите за корупција, вклучително и во Европскиот парламент во Стразбур, соопшти Белгиското обвинителство.
Целта на претресот во Европскиот законодавен дом беше собирање податоци, се вели во соопштението.
Извршени се вкупно 20 претреси, од кои 19 во приватни домови. Извршени се одредени претреси во Италија.