На европските берзи утрово цените на акциите паднаа за околу три отсто, бидејќи инвеститорите стравуваат од последиците од ширењето на новата варијанта на коронавирусот.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 3,3 отсто во 9.30 часот.

Истовремено, лондонскиот FTSE индекс падна за 2,95 отсто, на 7.093 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 3,0 отсто, на 15.439 поени, а париски CAC 4,25 отсто, на 6.775 поени.

Цените на акциите драстично паднаа и на азиските берзи, па индексот на азиско-пацифичките акции MSCI, без јапонските акции, беше во минус за околу два отсто околу 9.30 часот.

На токиската берза индексот Никеи падна за 2,5 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Австралија и Хонг Конг паднаа меѓу 0,6 и 2,5 отсто.

Инвеститорите се вознемирени од веста дека во Јужноафриканската Република е откриен нов вид на Ковид-19 со повеќе мутации и е многу заразен.

Британските власти го сметаат за најважна варијанта досега и стравуваат дека може да биде отпорна на вакцини. Затоа тие воведоа ограничувања за патување во шест африкански земји.

Оваа варијанта е исто така идентификувана во Боцвана и Хонг Конг кај патници кои пристигнале од Јужна Африка.

– После вакви вести, прво пукате, а потоа поставувате прашања. Пазарите го проценуваат ризикот од уште едно можно глобално ширење на вирусот доколку вакцината се покаже како неефикасна. Надежите за отворање на економиите и земјите би можеле да бидат уништени, објаснува Реј Атрил, стратег во Националната австралиска банка.

Инвеститорите со загриженост го следат и ширењето на коронавирусот во Европа. Во Германија, бројот на починати од вирусот вчера надмина 100.000, Словачка објави двонеделно „заклучување“, а чешката Влада порано затворање на баровите.