Здружението на оштетени физички и правни лица „Правда за штедачи” денеска соопшти дека остварило средба со Делегацијата на Европската унија во земјава на која се разговарало за стечајот на „Еуростандард банка“.
На средбата, која се одржала вчера, претставниците на делегацијата биле детално запознаени со состојбата во која се најдоа оштетените депоненти на „Еуростандард банка“ по отворањето на стечајната постапка, како и со активностите што се превземаат за надминување на овој проблем.
Претставниците на Здружението, како што се наведува во денешното соопштение, ја информирале Делегацијата на ЕУ дека повеќе од една година од отворањето на стечајната постапка, се уште нема процесуирано ниту една кривична постапка и дека Основниот граѓански суд Скопје што ја води стечајната постапка се уште не ја имплементирал одлуката на Уставниот суд, иако се поминати повеќе месеци од нејзиното донесување.
– Но, решението на Основниот граѓански суд Скопје по однос на ова прашање и неговото (не)спроведување на Одлуката на Уставниот суд, кај оштетените депоненти од Еуростандард банка раѓа основан сомнеж дека се подготвува нов грабеж на депозитите заробени во стечајната маса. И тоа на очиглед не само на депонентите туку и на пошироката јавност. Наша задача е навреме да укажеме на тоа и да изразиме надеж дека Апелацискиот суд Скопје, каде предметот се наоѓа во жалбена постапка, ќе има доблест да застане на патот на грабежот и неправдата. Тоа го бараме и тоа го очекуваме од Апелацискиот суд Скопје, се наведува во соопштението од Здружението „Правда за штедачи“.
Една од најголемите афери што се случиле во Македонија е пропаѓањето на битолската штедилница ТАТ, за која одговараше само сопственичката на штедилницата, иако според информациите што се објавуваа во аферата беа замешани и тогашни политичари. Таа афера донесе голема штета и неофицијално беше причина за поголем број самоубиства на лица кои ги изгубија своите пари по пропаста на штедилницата.