Најмалку 24 лица се повредени во најновото невреме што зафати делови од централна и западна Јапонија, а 150.000 куќи останаа без струја.
Тајфунот Јонгдари, кој најпрво го погоди јапонскиот остров Хоншу, предизвика силен дожд и ветер кој дува и до 180 километри на час.
Метеоролозите ги предупредија граѓаните дека може да дојде и до лизгање на земјиштето и одрони.
Тајфунот се движи кон запад, а населението е предупредено на време да се евакуира.
– Се плашиме дека луѓето нема да можат да се евакуираат поради силните ветришта или поплави кои го блокираат патот за евакуација, изјави гувернерот Хидехико Јузаки.
Тајфунот, освен обилни дождови, предизвика и феномен на топол ветер наречен „фен“ кој, пак, предизвика високи температури и до 40 степени.
Како што јавуваат јапонските медиуми, нанесени се штети на куќите, претежно на покривите. Отежнат е сообраќајот, откажани се летови на компанијата Јапан ерлајнс, додека одделни железнички линии се откажани или е сменета нивната сатница.
Од почетокот на јули во поплави во Јапонија настрадаа 224 лица, додека поради високите температури хоспитализирани се повеќе од 22.000 лица.