Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска е закажано ново рочиште за предметот „Рекет“ во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште треба да бидат сослушани четворица сведоци. Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
На минатото рочиште сведочеше вработена во компанијата „Орка холдинг”, која рече дека во декември 2018 година и во февруари годинава има вадено неколку пати поголеми суми од приватни сметки на семејството Камчеви.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.
Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.