Наместо новогодишна елка со лампиони, новата локална власт на Тетово „накити“ билборд со долгот од 24 милиони евра што екс градоначалничката од ДУИ, Теута Арифи им ги остави на сегашниот градоначалник од Беса, Билал Касами, на Општина Тетово и на граѓаните.
Долгот на општината јавно е истакнат на билборд во центарот на Тетово.
Новиот градоначалник Касами, неодамна соопшти дека вкупниот долг на Општина Тетово е над 24 милиони евра.
Како што соопшти тој, Општина Тетово должи 14 милиони евра, Јавното комунално претпријатие 9,7 милиони евра, ЈП Градски паркинг 187.000 евра или вкупниот долг е 24 милиони евра.
Касами рече дека преговараат со приватните фирми, кај кои е задолжена општината, да се отплати само долгот, а не и затезната камата.
Тој најави и ревизија на долгот што го наследи од градоначалничката Арифи.