„Една македонска театарска дружина дојде во Белград и во нашиот Народен театар ја играше претставата „Крвава свадба”. Срцето ни се кинеше слушајќи ја и гледајќи ја таа претстава, а тоа на нив бедниците им беше нешто обично. Таму, такви работи се случуваат и се гледаат секој ден. Тие, како што гледаме, се борат и гледаат по секој начин верно и вистински да ги изнесат сите неволји и страдања, со коешто ќе ги заинтересираат не само своите браќа, туку и останатиот образован свет. Тие имаат во темнината еден светол зрак што ги опкружува, а тоа е слободата, што ќе им даде човечки права и ќе ги изедначи со останатите луѓе!“
„Застава” бр. 278, 14 декември, 1903 г., стр. 3.

Ова е текст во новосадскиот весник „ЗАСТАВА“ за претставата „Македонска крвава свадба“ одиграна во Народниот театар во Белград. Како што објавува на својот профил групата „Macedonia: a True Endless Story…“ ова е уште еден напис во медиумите на Кралска Србија од 1903., за турнејата на театарската трупа на Војдан Чернодрински со претставата „Македонска крвава свадба“ по успехот што го доживува кај македонската емиграција во Бугарија. Трупата на Војдан Чернодрински си презела сериозна задача да ја претставува македонскиот јазик и култура, како и тешката положба на Македонците под османлиска власт.

Македонска крвава свадба е најкомплетниот драмски текст на Војдан Чернодрински, како во поглед на содржината, така и во однос на уметничкиот дострел, околу чие создавање и изведување изникнале цели перипетии. Во текот на размислувањата околу фабулата и ликовите, Чернодрински го најавил својот нов драмски проект, а заинтересираните – веќе заинтригирани од познатите авторот – веднаш побарале да го прочитаат – ненапишаниот текст и да се отпочне со распределбата на улогите! За да не се посрамоти, Чернодрински во еден навистина рекорден рок го напишал текстот. Малку подоцна, преку пробите, јавноста индиректно била запознаена со самата содржина на делото.

Така дошло до интервенција кај официјалните бугарски власти од страна на странски дипломат кој побарал да се прекратат пробите на оваа драма. Реакционерната власт издала заповед за да се престане со работата над сценската реализација на делото. А кога главните протагонисти се оглушиле од таа заповед и ја закажале премиерата, пред зградата на “Славјанската беседа” во Софија, на самиот ден на премиерата, стигнала група вооружени коњички стражари со цел да ја разбркаат публиката. Пред нив, меѓутоа, застанале повеќемина четници и со парабелуми во рацете – го обезбедиле текот на премиерната изведба!

Премиерата се одржала на 7 ноември 1900 година.

Војдан Чернодрински за делото Македонска крвава свадба се инспирирал од еден краток новинарски извештај од животот во Македонија. Во весникот “Реформа” ја прочитал Чернодрински дописката за која подоцна, во своите Спомени ќе ја забележи: „Таа дописка ми го даде сижето, таа беше канавацата на која во тек на 20-30 дни најпрвен во мислите ги бродирав сликите кои и денеска се редат пред вашиот снисходителен поглед”.