Кога се зборува за националниот парк „Пелистер“, секогаш првите мисли се поврзани со природата, моликата и езерата под врвот Пелистер.

Но, не е само тоа! Културно-историските знаменитости на територијата на националниот парк „Пелистер“ имаат посебна вредност. Многумина не чуле, ниту го виделе импресивното Кале кај село Трново, а малку знаат и за чешмите во селото Магарево.

Со новиот план за развој и работа на националниот парк „Пелистер“ и со зголемување на опфатот, многу археолошки локалитети што датираат од железно време и доцна антика сигурно ќе привлечат дополнително внимание кај туристите и стручната јавност. Шанса од развивање на оваа идеја гледаат и потпелистерските села Трново и Магарево, како први населени места на „границата“ до националниот парк.

Трновско кале

Според експерти од НУ Завод и музеј – Битола историското Кале во селото Трново е утврдена населба од железното и доцноантичко време и се наоѓа на околу 1 км источно од селото, на падините на Пелистер. Станува збор за тешко пристапна височинка со плато што опфаќа површина поголема од 500 квадратни метри, чиј чувар е природата. Денес оваа локација е обрасната со борова шума, а само физички подобро подготвените планинари ја користат блиската патека од селото Трново, низ Калето, да стигнат до манастирот „Св. Атанасиј“, кој се наоѓа од другата страна на ридот во атарот на селото Дихово. Под Калето сведочат два бункера, а се гледаат и други траги од одбранбен бедем. Според државниот Археолошки катастар, кој е во изработка, локалитетот Трновско кале има свој евиденциски број, а за иднината на локалитетот сериозно се размислува и во Јавната установа Национален парк „Пелистер“ – Битола.

За ова потпелистерско село значајна е и локацијата Трновски Лозја, некропола од римско време чии координати не се утврдени, но прецизиран е регистарски број на локалитетот на кој биле откриени гробови градени од карактеристични римски тули со четвртаста форма, се посочува во Археолошка карта на Р Македонија од 1996 година. Но, додека археолозите сè уште не навлегле во тајните на локацијата, љубителите на природата и рекреативците мечтаат како креативно да се користи местото Кај чинарите, односно, како што велат, „дебелата сенка“ што ја прават столетните чинари, под чии крошни и денес паѓаат и скапуваат лисја, кои никој ниту ги гази, ниту ги собира.

Во меѓувреме најпозната локација за масовни народни собири е дворот на црквата „Успение на св. Богородица“. Според историско-уметничките науки, првата, постарата црква „Успение на св. Богородица“ била изградена во 1854 година, која за време на Првата светска војна целосно е разурната. Денешниот храм е изграден на темелите на постарата црква, во периодот од 1928 до 1934 година, како голема трикорабна градба со масивна полукружна апсида на исток и камбанарија со трем на западната страна. Масивните ѕидови се во комбинација на делкан и полуобработен камен.

Во црквата се чуваат икони од 19 век, како и делови од стариот иконостас во резба. За време на големиот верски празник и патрон на црквата, секоја година на 28 Август на Голема Богородица, неброен народ го посетува светилиштето.

Чешмите во село Магарево

Селото Трново и соседното село Магарево се слеани едно во друго и само месното население знае што им е граница, или кои се последните куќи во едното и први куќи во другото село. Судбината на најстарите цркви им била иста, и како што црквата „Успение на св. Богородица“ била целосно разурната во Првата светска војна, така и црквата „Св. Димитриј“ изградена во 1835 за време на воените операции била опожарена, а месното население успеало да зачува фрагменти од ѕидното сликарство што датираат од 1844 година.

– Селото Магарево има многу природни реткости, а со посебно задоволство ќе кажам дека има десетина непресушни чешми од кои тече ладна пелистерска вода. Секоја чешма има свое име, а меѓу најпознатите се чешмите „Марле“, „Сидери“, „Доча“, „Чипутир“, „Кунели“… Многу планинари застануваат кај „својата“ чешма, но најчесто кај „Марле“, која има три чешми. Цела е од камен. Тука има место и за одмор, навечер е осветлено и убаво е, вели Танас Ѓорѓиевски пред чиј дуќан исто така има чешма и со нас сподели сеќавања за селото Магарево.

Во селото Трново денес живеат околу 250 жители, а во селото Магарево околу 80. Најголем дел се отселиле и повремено доаѓаат во своето огниште. Потпелистерието сè уште не го кажало последниот збор за развој на туризмот, особено за културните обележја бидејќи културно-историското минато на Националниот парк „Пелистер“ се реавивало во текот на пет периоди, почнувајќи од праисториски, антички, средновековен… или, како што велат, од железно време па сè до денес! Тогаш, зошто тој развој да не продолжи, порачуваат од потпелистерието.

Марјан Танушевски за МИА