Независниот синдикат за образование и наука (НСОН), кој пред две години е основан за заштита на правата на наставниците во основното образование, денеска на второто годишно собрание соопшти дека неговите членови се незадоволни од платите.
-Почетната плата на просветните работници е под републичкиот просек, не добиваат додаток за годишен регрес, а недостасува и додатокот за патни трошоци за вработените што работат во рурални средини и тие имаат големи трошоци за транспорт, изјави Томислав Гиевски, претседател на НСОН.
Во претстојниот период, рече, ќе имаат засилени активности за да го зголемат членството и да постигнат репрезентативност што на овој синдикат ќе му овозможи да го промени колективниот договор од 1995 година.
-Во однос на правната регулатива, во досегашните активности нашиот синдикат затекна многу неправилности, мобинг, дискриминација, силно партиско влијание, кое се бориме да го откорнеме од секторот образование, истакна Гиевски.