Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) реагира што е променет календарот за работа во основните и средните училишта, односно што утре и следната сабота се прогласени за работни во образованието.
– Иако минатата година, кога одработувавме дури пет саботи, МОН изјави дека утврдиле оти работењето во сабота не е ефикасно и дека веќе нема да се практикува, оваа година се продолжува со истата неефикасна и непопуларна пракса. Притоа, надлежните не земаат предвид дека деновите во кои учениците беа ослободени од настава поради енормното загадување на воздухот, беа работни денови за сите вработени во образованието, изјави денеска Валентина Мишкова-Кенкова, генерален секретар на синдикатот.
Од Синдикатот посочуваат при донесувањето на ваквата одлука не е земено предвид дека во тек се голем број општински и регионални натпревари кои се одржуваат во саботите и оти со одржувањето на наставата во саботи ќе настане хаос во училиштата.