Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини смета дека компаниите треба да продолжат да користат гас, а не да се оди на понееколошки варијанти како дизел и мазут. Тој тврди дека гас има.
– Има гас, јас го кажувам тоа бидејќи доаѓам од сектор инвестиција, сите знаеме дека има гас, рече Нуредини.
Сепак, тој потсети дека има процедури кои треба да поминат во Министерството, а досега, како што информира, околу пет големи компании побарале да ја сменат дозволата со која во случај на недостаток од гас ќе користат дизел.
– Ако компаниите имаат А интегрирана дозвола мора да направат барање за измена на дозволата и процедурата трае околу три месеци. Значи ние мора да процениме прво дали таа измена е во согласност со законот, рече Нуредини на настан за садење 20 дрвца кои се донација од Еко-свест.
Тој уште еднаш потенцира дека компаниите треба да продолжат да употребуваат гас, бидејќи како што кажа, се што е поевтино не значи дека е добро за граѓаните.
– Барам сите да бидат свесни и да не одиме назад, рече министерот и додаде дека стручните лица во Министерството ќе проценат дали е можно или не менување на дозволата.