Министерот за животна средина Насер Нуредини за в понеделник најави средба со новиот директор на депонијата Дрисла и вели дека единствениот опасен отпад во земјата е комуналниот отпад.
Тој за МИА потенцира дека „кај нас се увезува отпад за рециклирање и за повторна употреба“.
– Единствениот опасен отпад што го имаме во нашата земја е комуналниот отпад. Не дозволуваме во нашата земја да се увезува каков било отпад за депонии или некакво складирање. Единствениот отпад што се увезува е за рециклирање и повторна употреба, и ништо друго. Ако постои сомнение за какви било активности од тој тип, ќе покренеме истрага со надлежните и ќе се осигураме тоа никогаш да не се случи, изјави Нуредини.
За тоа кој ја врши контролата на она што влегува во земјата како отпад и кој ја има најголемата одговорност, министерот за животната средина вели дека тие како институција креираат политики и дека царината мора да знае што се увезува во земјата.
-Ние, како институција креираме политики, ги пишуваме законите, но и се стремиме да ги применуваме. Не дозволуваме во нашата земја да се увезува отпад за депонии или складирање. Дозвола за увоз може да се добие единствено за рециклирање и повторна употреба на отпад. Доколку постои и најмало сомневање за кое е потребна понатамошна истрага, ќе соработуваме и со бугарските власти да дознаеме, и да се осигураме дека ова нема да се случи во нашата земја. Кој е одговорен? Цариниците мора да знаат што се увезува во земјата. Постојат правила и прописи дека контролата на граничните премини мора да биде темелна. Ќе ги поддржиме на секаков можен начин, ние сме институција, ќе направиме се што може да се направи, рече Нуредини.
Прашањето за опасниот отпад и воопшто за отпадот се актуализираше откако Обвинителството во Бургас отвори истрага за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад на пристаништето во бугарскиот град. Со случајот се поврзува трговското друштво „Блацион“ ООД, со адреса и седиште во Софија, а удел во нејзиното сопствеништво, пак имаат Блаже Игњатовски и Горан Ангелов, кој до неодамна беше на чело на „Дрисла“.
Според Обвинителството во Бургас отпадот откриен во контејнерите не е радиоактивен или токсичен, но сепак утврдена е неусогласеност меѓу наведеното во документацијата на контејнерите и нивната содржина.
Отпадот е транспортиран со брод на 5 септември минатата година и му е определен режим на времено складирање во рок од 90 денови. Истрагата продолжува, се земаат примероци од сите контејнери, а ќе биде побарана и меѓународна потерница за истрагата, бидејќи контејнерите доаѓаат од Италија.