Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини не очекува дека со растот на цените на струјата повеќе домаќинства да се вратат на затоплување со дрва и со тоа да имаме зголемено загадување оваа зима.
Нуредини, во неделното интервју за Радио Слободна Европа, ваквиот став го објаснува со тоа дека предлогот за зголемување на цената на струјата не е финален и дека државата дава субвенции за инвертери, за употреба на пелети или други начини, како пумпи за затоплување и за енергетска ефикасност на објектите.
– Како прво, предлогот за зголемување на цените на струјата не е финализиран, но слушнав дека е можно тоа зголемување да биде чекор по чекор, но за мнозинството граѓаните цените да останат исти. Така што не очекуваме домаќинствата да употребуваат друг извор на затоплување. Секако, во земјава веќе имаме бројни субвенции: за инвертери, за употреба на пелети или други начини, како пумпи за затоплување. Сакаме граѓаните да ги употребуваат субвенциите. Државата дава субвенции од 20 проценти, исто така има и други механизми за употреба на кредити или банкарски заеми. Исто така има 15 или 20 проценти субвенции за енергетска ефикасност. Сакаме да ги поттикнеме граѓаните да ја заменат употребата на затоплување на домовите со дрва или други материјали кои загадуваат. Всушност, не мислам дека загадувањето оваа година ќе биде зголемено, вели Нуредини во интервјуто за РСЕ.
Прашан за тоа како енергетската криза и увозот на јаглен и мазут за домашно производство на струја ќе се одрази на Зелената агенда, Нуредини вели дека сега имаме енергетска криза, која впрочем не е само во нашата земја и дека цените не растат само во нашата земја, туку растат во цела Европа.
– Истовремено, како земја, планираме и работиме, а некои проекти веќе се почнати, на инвестирање во обновлива енергија, а тоа значи соларна, ветерна итн. Сега, исто така, сме во финална фаза со тендерската процедура за Чебрен, што ќе биде темел на нашата енергетска стратегија во иднина, изјави Нуредини.
Во однос на тоа дека државата стимулира користење струја за затоплување во услови кога ја немаме доволно, Нуредини одговара дека во исто време прашањето е од каде доаѓа енергијата и за што ја употребуваме.
– Не треба да заборавиме дека инвертерите се многу енергетски ефикасни и се забележува дека во изминатите 4 до 5 години имаме намалување на аерозагадувањето. Тоа ни покажува дека се движиме во правилна насока, дека преземените мерки покажуваат резултати. За жал, не постои решение преку ноќ за аерозагадувањето, додава Нуредини.