Земајќи го предвид фактот дека Скопје е во котлина и со познатите метеоролошки услови кои ја ограничуваат дисперзијата на емисиите и ги олеснуваат хемиските реакции со кои се создаваат секундарни честички, ќе продолжиме да се соочуваме со смог додека не го смениме начинот на греење, не ја модернизираме мобилноста и не ги контролираме подобро индустриските емисии, истакна во интервјуто за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
За загадувањето на воздухот, појава која се интензивира во текот на постудените месеци, а која беше забележана изминатиот месец говореше Нуредини во интервјуто за МИА, а се осврна и на мерките кои се преземаат во таа насока, со оглед на фактот што освен загадувањето оваа зима се соочуваме и со пандемија на Ковид-19.
Во продолжение следи целото интервју со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини:
Во текот на последните денови забележуваме дека воздухот е значително загаден, а се уште сме на почетокот на постудениот период? На што се должи тоа?
Влегуваме во грејната сезона кога настанува и температурната инверзија. Според анализите што ги имаме, забележани се неколку дена со благи надминувања на среднодневната гранична вредност за РМ10 на одредени мерни места. Од податоците кои пристигнуваат во мониторинг системот за квалитет на воздухот може да се види дека во периодот околу 16:00-17:00 часот до полноќ, концентрациите на PM10 се зголемуваат најмногу. Би сакал да укажам уште еднаш дека согласно на националното закондавство, кое е усогласено со ЕУ регулативата, се врши споредба на среднодневните концентрации со среднодневната гранична вредност (50 mg/m3), а не на часовните вредности.
Дали конечно имате податоци кои се најголемите загадувачи во Скопје?
Имаме бројни студии досега, локални, како и меѓународни. А, исто така спроведовме и твининг проекти со Австриската агенција за животна средина и Финскиот Метеоролошки Институт. Сите тие утврдуваат дека најголемиот придонесувач за загадувањето во зимскиот период е начинот на кој ги загреваме објектите. И тука би сакал да потенцирам дека не станува збор само за домовите, туку и јавните згради.
Потоа исто така го имаме и застарениот возен парк, при што според истражувањата возилата се стари во просек по 16 години, и секако индустријата.
Оваа есен штотуку започнавме активност во партнерство со Шведската Влада преку СИДА, UNDP и Градот Скопје при што поставивме две нови станици што ќе собираат податоци во текот на 12 месеци за да се анализираат изворите на загадување. Дополнително, очекуваме да добиеме опрема од IAEA која ќе ги анализира филтрите на мониторинг станиците за да добиеме точни сознанија за конкретната композиција на честичките. За жал, поради ситуацијата со Ковид 19 може да не бидат во можност да ја достават опремата во првото тримесечие од 2021, туку најверојатно во второто.
Што да очекуваме кога сите жители ќе почнат да ги греат нивните домови, со оглед на тоа што се уште многу луѓе користат дрва за огрев?
Тоа што ќе се случи е концентрациите на P10 да пораснат. Мораме да го смениме начинот на кој ги загреваме зградите и домовите. Земајќи го предвид фактот дека Скопје е во котлина и со познатите метеоролошки услови кои ја ограничуваат дисперзијата на емисиите и ги олеснуваат хемиските реакции со кои се создаваат секундарни честички, ќе продолжиме да се соочуваме со смог додека не го смениме начинот на греење, не ја модернизираме мобилноста и не ги контролираме подобро индустриските емисии.
Индустријата мора да работи во границите на параметрите кои им биле утврдени кога ги добиле дозволите за работа и ако не работат во таа рамка, да бидат казнети. Побаравме од Министерството за правда да го измени новиот Закон за прекршоците за да се исклучат лимитите за глобите во животната средина и да не бидеме приморани да ги намалуваме, туку да ги зголемиме казните.
Помина цела години откако се одржуваа протести и граѓаните апелираа итно да се преземат мерки, освен субвенциите за инвертер клими, не е преземено ништо друго. Дали имате план како ќе се постапува?
Верувам во правото на граѓаните да можат да го искажат јавно своето мислење и барања за подобар стандард на живот. Сепак, не е вистина дека ние како Влада сме ги поддржале единствено субвенциите за инвертери. Преку програмата за намалување на аерозагадувањето голем број на јавни згради, посебно училишта и градинки преминаа кон поеколошко затоплување и ја зголемија енергетската ефикасност на градбата. Во 2019 година, 121 милион денари и во 2020 година 100 милиони денари беа инвестирани во овие активности. Дополнитено, една од клучните инвестиции во нашата држава е изградбата на гасоводната мрежа која е завршена некаде околу 95 проценти кон Битола и 83 отсто кон Тетово. Во моментов сме во тендерска процедура за избор на меѓународна компанија со соодветно искуство за инвестирање во нашата секундарна и терциерна мрежа, со обврска за опслужување на 50 проценти од градовите и 25 отсто од руралната средина со гас во наредните четири години.
Покрај активностите кои се во корелација со Владата, Министерството интензивно работи на измени на законската регулатива (Законoт за квалитет на амбиентниот воздух) кој дополнително се хармонизира со ЕУ Директивата за чист воздух. Целта на амандманите е да се дадат повеќе ингеренции и обврски на локалните самоуправи во правец на изработка на локални планови за намалување на аерозагадувањето и предвидување и преземање на карткорочни/интервентни мерки при појава на пиковни епизоди со алармантно загадување, односно надминување на праговите за алармирање. Исто така, како што напоменав се работи на усогласување и измени на законската регулатива во правец на зголемување на санкциите за прекршоци во животната средина.
Дополнително, се работи на усвојување на европски стандарди за цврсти горива кои се користат како енергенси за затоплување, како пелети и огревно дрво, со цел подобра контрола и управување со нивниот квалитет. Исто така ги мапиравме и јавните објекти во државата што користат системи за затоплување со нееколошки горива и обезбедивме 10 милиони евра преку ИПА програмата за нивна замена, но за жал тие средства беа преалоцирани за фондот за опоравување од Ковид. Во моментов преговараме за проект од четири милиони евра со ЕУ Делегацијата за да ја рестартираме оваа програма со потенцијал за зголемување во иднина.
Во последните 12 месеци успеавме да ги реактивираме речиси сите мониторинг станици, и да, во дел од нив се уште недостига инструмент за мерење на PM 2.5, со оглед на тоа што се постари модели. Сепак, до крајот на оваа година од нашиот буџет ќе бидат набавени уште два инструмента, а останатите ќе бидат обезбедени преку проект финансиран од Шведската Влада преку SIDA. Во меѓувреме исто така поставивме нова станица во Гевгелија, во прекуграничен проект со Грција финансиран од ЕУ, и комплетно ја заменивме станицата Битола 1.
Повозрасните луѓе реагираат дека и порано многу домаќинства се грееле на дрва, но воздухот не бил загаден. Според некои мислења многубројните високи згради, особено претставуваат голем проблем и оти воздухот поради тоа е загаден. Колку има вистина во тоа?
Како институција ние почнавме да го мериме квалитетот на воздухот во 2004 година и затоа не можеме да дадеме фактички податоци за тие тврдења. Сепак, секако дека високите згради влијаат на протокот на воздух и ова секогаш треба да биде земено предвид кога се планира идниот развој на еден град.
Исто така мора да бидеме искрени со самите себе и да го споредиме животниот стандард пред, да речеме, 50 години, кога многу семејства живееле заедно во помали простори и загревале многу помалку простор, односно метар квадратен по човек. Денес живееме во поголеми станови и згради, а сепак не сме го промениле начинот на загревање. Резултат на тоа е дека загреваме многу повеќе простор од порано, а се уште ги користиме истите методи како тогаш. Можеме да ги употребиме истите аргументи и за возилата, тогаш едно домаќинство имало едно возило, сега речиси секој член на домаќинството над 18 години има возило. И да го додадеме на тоа развојот на индустријата. Така што, за жал, времињата се неспоредливи.
Минатата година протекоа информации дека наводно во нашата земја се гори отпад од странство. Дали стигнавте до некои податоци. Што се случува со работењето на Дрисла, дали се воспоставени сите контроли?
Би сакал да разјаснам дека отпадот што некои компании, кои имаат дозвола со години, го увезуваа, беше всушност РДФ (Refuse Derived Fuel). Ова е гориво кое е регулирано во ЕУ директивите и се употребува од компании кои имаат соодветни печки и кое е контролирано од инспекторите за животна средина и царината, за да се осигураме дека е согласно законот. На иницијатива на пратениците во Собранието тоа беше исто така забрането. Имаше случај кога употребувани масла беа упатени кон нашата земја, но тие беа запрени од властите пред да стигнат до нашата земја и таква пратка нема стигнато. Не е дозволено со закон да се увезува отпад за депонирање, ниту пак отпад што не може да се реупотреби или рециклира.
Во моментов сме во владина процедура на носење на шест нови закони за отпад кои ќе го регулираат управувањето со отпадот, подробно ќе ја дефинираат проширената одговорност на производителот и колективните постапувачи, а дополнително ќе ги регулираат и посебните текови на отпад од гуми, текстил, возила и масла. Се надевам дека набрзо ќе успееме да ги презентираме овие закони во Парламентот и дека ова ќе биде почетокот на нашата циркуларна економија, со што ќе можеме да генерираме и зелени работни места и да ги намалиме емисиите на стакленички гасови.
Што се однесува до Дрисла, инспекторите за животна средина ги спроведуваат своите редовни надзори и тие аплицираа за трансформирање на нивната дозвола за усогласување со оперативен план во А интегрирана еколошка дозвола. Работиме заедно со нив за да ги исполнат техничките услови и ги поддржуваме за да добијат средства од ИПА програмата за да ја модернизираат дополнително нивната инсталација.
Симона Митровска