Ајварот речиси нема калории, така што со него не може да претерате, вели српската нутриционистка Бранка Мирковиќ.
Лут или благ, само од печените пиперки или со додаток на домати, често се случува ајварот брзо да се изеде, затоа што е одличен прилог во скоро секое јадење, но тој нема многу нутритивни вредности.
– Ајварот речиси и нема калории, така што со него не може да претерате. Тој нема многу нутритивни вредности, затоа што се прави од печени пиперки, кои потоа се пржат, па во овој процес пиперката ја губи сета своја вредност. Сепак, ајварот е одличен извор на влакна и е вистинска закуска со месо и разни други јадења, па и само со сирење, вели нутриционистката Мирковиќ.
Таа додава дека доколку не го правите сами, секогаш е подобро да купите индустриски затоа што тој е контролиран, за разлика од оној кој се продава на пазар, а во кој не може да знаете колку конзерванси се ставени. Мирковиќ додава дека зеленчукот кој се користи за зимница термички се обработува, што доведува до губење на повеќе витамини, како што се Ц, Б и А, но и останати минерали, влакна и фитонутриенти кои се од голема важност за организмот.