Има висок степен на вознемирување на жените на работните места и не постојат силни механизми за нејзина заштита.
Жената-жртва на сексуално вознемирување на работното место ретко покренува судски спор и најчесто целата работа се врти околу тоа што направила таа и дали провоцирала, укажуваат невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика.
Од друга страна, проблем е и тоа што судските спорови се долги и скапи.
Препорачуваат да се направи сеопфатна анализа и да се види дали е добра имплементацијата на законот и дали постојат доволно добри заштитни механизми.
– Во моментот немаме сеопфатно истражување кое укажува колкав е степенот на сексуалното вознемирување на жените на работното место. Како граѓанска организација со балканските земји правиме истражување за дискриминација на жените на работното место од кое треба да произлезе колку од жените се жртви на сексуално вознемирување, изјави Сашка Илиќ од истражувачката организација „Реактор“ пред почетокот на денешната дебата „Создавање на безбедна работна средина за жените“ организирана во рамки на кампањата „Слушни ја!-16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Според законот, жената жртва на сексуално вознемирување прво треба да се обрати до работодавачот, а доколку не се најде решение, тогаш таа има право да покрене судски спор.
– Според првичните наоди што ги имаме, проблемот во овој случај е тоа што судските процеси се долги и премногу скапи, а исто така и не многу жени се осмелуваат да покренат вакви постапки. Дополнително кај нас се уште постои стигма и немаме култура за овие проблеми да се разговара отворено, а и секогаш се врти работата кон жртвата, односно што таа направила, дали провоцирала и.т.н. Така што би рекла дека не постојат силни механизми за заштита на жените на работното место од сексуално вознемирување, истакнува Илиќ.
Од Американската стопанска комора на Македонија (АмЧам), која е организатор на трибината, велат дека она кон што треба да тежнеат компаниите се етичкото и добро работење и примена на универзалните деловни принципи.
Според извршната директорка на АмЧам, Дијана Десподов, работното место е местото каде го поминуваме најголемиот дел од денот и поголемиот дел од животот и императив е да се создаде атмосфера во која жените ќе се чуствуваат слободно и безбедно за да може да го исполнат својот потенцијал и да бидат повеќе продуктивни.
Денешната дебата е организирана во соработка со Американската амбасада во Република Македонија.