Апсурдно е да се спори идентитетот на било која заедница и целосно се солидаризирам со Македонците околу тоа прашање, истакна вечерва вицепремиерот и министер за политички систем и односи со заедниците, Артан Груби, кој дополни дека тоа не е во духот на европската солидарност и смета дека треба да се остане на Добрососедскиот договор со Бугарија.
На вечерашното гостување во Телевизија 24, вицепремиерот истакна оти се надева дека ќе се изнајде решение со помош на партнерите во Брисел и Вашингтон за да се откочи процесот со Бугарија, и додаде дека нема да има нови предлози за измена и дополнување, туку, за имплементирање на добрососедскиот договор.
– Португалскиот предлог го предложивме, рековме дека е добар во основа за решавање на спорот, а Бугарија го дочека на нож. Денешниот наш предлог е се работи за обид за адресирање на нивната загриженост по однос на позициите на Македонија кон соседот и апсурдно е дека Македонија би имала било какви територијални претензии кон Бугарија, кажа Груби.
Груби напомена дека, доколку не добиеме датум на јунскиот Самит, со новата бугарска Влада што треба да се избере некаде во месец август, ќе седнеме на сериозни преговори, бидејќи како што кажа, земјава е подготвена да седне и да преговара.
– Убеден сум дека во Бугарија ќе има политичка Влада, која што ќе може да донесе одлука и која што ќе пристапи кон сериозни преговори, ние сме спремни да седнеме и да донесеме одлука. Доколку не успееме во овој последен напор во следната недела, тогаш сум убеден со новата политичка Влада, некаде во август ќе пристапиме со преговори, рече Груби.